Калифорнија им нареди на своите жители да останат дома со цел да се спречи ширењето на коронавирусот во најнаселената американска сојузна држава, додека бројката починати на светско ниво надмина 10.000.
Гувернерот Гевин Њусом изјави дека жителите би требало да излегуваат од дома само кога е неопходно. Тој претходно процени дека половина од 40-те милиони жители на Калифорнија ќе се заразат.
„Ова е момент кога мора да носиме тешки одлуки, да ја прифатиме реалноста“, изјави Њусом.
Од КОВИД-19 досега починаа 205 луѓе во САД, а заразени се повеќе од 14.000. Глобално, речиси 250.000 луѓе имале позитивен тест.
Кина втор ден по ред нема ниеден нов случај на внатрешно пренесување на коронавирусот. Во земјата има нови 39 случаи, но сите се лица кои дошле од странство. Во Кина досега починале 3.248 луѓе, бројка која вчера беше надмината од Италија (3.405).
Аргентина, во која има 128 заразени и тројца починати, е прва држава во Јужна Америка која прогласи национален карантин.