ЗАПАДЕН БАЛКАН МОЖЕ ДА СМЕТА НА СОЛИДАРНОСТА НА ЕУ, ВЕЛИ ВИСОКИОТ ПРЕТСТАВНИК БОРЕЛ

    ЗАПАДЕН БАЛКАН МОЖЕ ДА СМЕТА НА СОЛИДАРНОСТА НА ЕУ, ВЕЛИ ВИСОКИОТ ПРЕТСТАВНИК БОРЕЛБорел и Димитров на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан во Минхен на 14 февруари (Фото: Твитер)

    Западен Балкан може да смета на солидарноста на ЕУ и не само во време на криза, пишува Хосеп Борел, Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика на својот официјален блог. ЕУ е најголемиот донатор, инвеститор и трговски партнер на Западен Балкан, вели тој, и тоа се важни факти кои што ја демонстрираат вклученоста на ЕУ во регионот и нејзините напори да се справи со вирусот внатре во ЕУ и во странство, вклучувајќи го Западен Балкан.

    Тој потсети дека минатата недела ЕУ одлучи да отвори пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.

    „Многу беше тешка неделата за нас, поради пандемијата на коронавирусот и нејзините глобални последици кои што доминираат во насловите и во нашите мисли. Ваквиот развој на настаните, исто така, ја засени важната одлука која што не го доби заслуженото внимание. Среде кризата со коронавирусот, Европската унија одлучи да отвори пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Ова е добра вест за двете земји, за Западен Балкан и за цела Европа“, вели Борел.

    Со ваквата важна одлука во вакви тешки времиња, вели Борел, ЕУ испрати важен сигнал и јасна порака до Западен Балкан: Европската унија не е комплетна без Западен Балкан.

    „Одлуката е навистина ’зрак светлина во оваа темница насекаде‘, како што кажа мојот ценет колега, министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров, коментирајќи ја одлуката да се отворат пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Ние побаравме многу од двете земји и тие го исполнија тоа. Сега, ЕУ исто така го направи вистинскиот чекор. Ова е охрабрувачка порака дека напорната работа и вистинското лидерство на двете страни донесе резултат“, вели Борел.

    ЕУ минатата недела соопшти пакет за финансиска поддршка на сите шест земји од Западен Балкан. Како што повтори Борел, ЕУ ќе обезбеди 38 милиони евра итна помош за справување со КОВИД -19, а потоа и 374 милиони евра за закрепнување на економиите во регионот, откако ќе помине вонредната состојба.

    Од таа сума, Северна Македонија ќе добие 4 милиони евра за итна поддршка на здравствениот сектор и 62 милиони евра за економско закрепнување.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира