Вкупно 40.000 евра ќе треба да платат 20 битолчани кои во последните четири дена не го почитувале полицискиот час воведен заради заштита од коронавирус.
Основното јавно обвинителство од Битола до Основниот суд поднесе предлози за определување казнени налози против вкупно 20 лица, сите обвинети за кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Сите обвинети, „во одвоени кривично-правни настани на 27, 28, 29 и 30 март, не постапиле според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за сузбивање или спречување на заразната болест КОВИД-19, односно не ја почитувале Одлуката за забрана и посебен режим на движeње на територијата на Република Северна Македонија“, објави Обвинителството.
Надлежните јавни обвинители до Судот за сите обвинети лица предложија определување парична казна во висина од 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да биде одредена на 20 евра во денарска противвредност или вкупно за сите 20 лица 40.000 евра.
Ж. ЗДРАВКОВСКА