2.020 ГРАЃАНИ СЕ ВРАТЕНИ СО ХУМАНИТАРНИ ЛЕТОВИ И КОНВОИ ОТКАКО СЕ ЗАТВОРИЈА ГРАНИЦИТЕ И АЕРОДРОМИТЕ

    2.020 ГРАЃАНИ СЕ ВРАТЕНИ СО ХУМАНИТАРНИ ЛЕТОВИ И КОНВОИ ОТКАКО СЕ ЗАТВОРИЈА ГРАНИЦИТЕ И АЕРОДРОМИТЕАвионски летови досега се организирани од Валета (118), Загреб (169), Љубљана (126), Минхен (166), Берлин (176), Бон (181), Виена (161) и од Базел (178). - Авиони паркирани на Скопскиот аеродром (Фото: СДК.МК)

    До денеска 2.020 македонски државјани се вратени во земјава откако на 16 март беа затворени сите гранични премини, а на 18 март и Меѓународниот аеродром Скопје.

    Според податоците на Министерството за надворешни работи кое го организира враќањето на граѓаните затекнати во странство, 1.275 лица се вратени со авионски линии. Авионски летови досега се организирани од  Валета (118), Загреб (169), Љубљана (126), Минхен (166), Берлин (176), Бон (181). Денеска беа организирани летови од Виена од каде се вратија 161 патник и од Базел 178 патници.

    150 граѓани се вратени со хуманитарни конвои, со автобуси и коли од Црна Гора, Словенија и Турција.

    „На 446 наши државјани им беше пружена помош од Министерството за надворешни работи преку насочување или обезбедување дозволи за нивно враќање дома преку аеродромите во Софија, Солун, Истанбул и Тирана. Со регулирана постапка пак во комуникација со српските органи, самостојни дозволи со посредство на МНР беа издадени на 145 македонски граѓани за да ги преминат српските граници како би се вратиле во земјата“, велат од Министерството за надворешни работи.

    Во духот на солидарноста и добрата соработка како со земјите од регионот, така и со земјите членки на ЕУ и НАТО, овозможено е враќање дома на повеќе од 400 странски државјани што се затекнаа на територијата на нашата земја.

    „На тој принцип им беше помогнато и на 4 наши државјани кои со чартер лет организиран од австриската Влада, беа пренесени од Перу до Виена. И покрај првичниот фокус за репатријација на нашите граѓани затекнати во Европа, ќе продолжиме со напорите за пронаоѓање начини за враќање и на оние кои се затекнати на другите континенти, во соработка со други земји и партнери од регионот и пошироко“, додаваат од МНР.

    Сите граѓани кои се вратија во земјава се сместени во државен карантин, во хотелите кои се јавија на јавниот повик кој го распиша Владата. Во карантин ќе останат најмалку 15 дена.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира