Поради епидемијата на коронавирус и дополнителните активности за пренесување на заразени пациенти до клиниките во Скопје, од Итната медицинска помош во Куманово соопштија дека поради малиот број на возила и екипи примаат повици само за животно загрозувачки состојби и апелираат да не се јавуваат оние кои немаат итна потреба од нивна помош и интервенција.
„Итната медицинска помош во Куманово моментално располага со осум лекари, по двајца лекари во смена и три санитетски возила, од кои една екипа и едно возило се користат за транспорт на пациенти позитивни на коронавирусот до инфективното одделение во Куманово или до Инфективната клиника во Скопје, поради што некогаш Итната помош останува со една екипа и мора да врши селекција на повиците“, соопшти Здравствен дом Куманово.
Тие бараат од граѓаните и пациентите да не ја злоупотребуваат Итната помош и да бараат услуги кои можат и самите да ги завршат, како што се транспорт до болницата, посети на хронично болни кои имаат таблетарна терапија препишана од матичен лекар или лекар специјалист, како и пациенти кои се во изолација, а не се животно загрозени.
„Сите можат да добијат совет во секое време или транспорт до Инфективното одделение во Куманово по препорака на доктор епидемиолог. Ве молиме за разбирање, останете дома и чувајте го своето здравје и здравјето на другите“, се вели во соопштението од Здравствениот дом.
Итната медицинска помош во Куманово со години има недостиг на возила и лекари, а покрај територијата на Општина Куманово со над 100.000 жители, ја покрива и соседната Општина Старо Нагоричане.
С. НИКОЛИЌ