ЗА ЕДЕН ВИКЕНД СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ПОБАРА ПАРИЧНИ КАЗНИ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ ПОЛИЦИСКИ ЧАС ОД 148 ИЛЈАДИ ЕВРА, ВИСОКИ КАЗНИ ПИШУВААТ СИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВА

    ЗА ЕДЕН ВИКЕНД СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ПОБАРА ПАРИЧНИ КАЗНИ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ ПОЛИЦИСКИ ЧАС ОД 148 ИЛЈАДИ ЕВРА, ВИСОКИ КАЗНИ ПИШУВААТ СИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВАПолицискиот час за викенд трае до 16 до 5 часот. (Фото: СДК.МК)

    За непочитување на полицискиот час само денеска Скопското обвинителство поднесе обвиненија за парични казни во вредност од 60 илјади евра, против 30 граѓани кои го нарушиле. ОЈО Битола, пак, 24 илјади евра. Во првиот случај обвинети се 30, а во вториот 7 лица и сите ќе мора да платат по 2.000 евра за кривично дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик“.

    Во петокот, пак, ОЈО Скопје поднело дури 44 обвиненија од по 2.000 евра, по што обвинетите граѓани кои го прекршиле полицискиот час ќе треба да ѝ платат на државата 88.000 евра.

    За шетање за време на полицискиот час не се поштедени ни децата, па така, за едно лице, дете на возраст од 16 години, јавниот обвинител до Судија за деца во Основниот суд во Битола денес поднесе Барање за поведување подготвителна постапка. Детето, заедно со двајца од обвинетите, се движело пеш во вечерните часови за време на забраната за движење.

    Обвинителствата во целата држава почнаа да издаваат платни налози на 17 март и пред воведувањето на полицискиот час тие беа само за своеволно излегување од изолација и од самоизолација. Сите овие неодговорни однесувања што придонесуваат за ширење на заразата со вирусот КОВИД-19 се подведени под кривичното дело по член 206 од КЗ.

    Скопското обвинителство пред овие, од 7 март наваму има поднесено 25 платни налози со казна од по 2.000 евра за сторителите, што е 100 дневни глоби по 20 евра, а Битолското 8, од кои една е за три возрасни лица вратени од Италија и за едно дете, кои не ја почитувале задолжителната мерка за изолација. На тројцата им е поднесено обвинение и треба да платат по 4.000 евра од возрасен. За детето има малолетничка постапка во суд.

    ОЈО Кавадарци досега заедно со лекарот казнет со 4.500 евра има побарано казни во висина од 22.000 евра, ОЈО Охрид една од 3.000 евра и уште 3 казни од по 1.000 и 2.000 евра, Кочани има пет обвиненија за граѓани кои ќе треба да платат по 2.000 евра, Струга една казна од 4.000 и две од по 3.000 евра, Свети Николе 13.720 евра досега преку седум обвиненија, а ОЈО Кичево само едно обвинение од 17 март до денес, каде сторителот треба да плати казна во висина од 4.000 евра.

    ОЈО Ресен поднело 5 обвиненија со казни по 2.000 евра од обвинет и една со 3.000 евра, а Велес две по 800 евра.

    ОЈО Делчево има поднесено шест казнени налози против 15 лица, кои ќе треба да и платат на државата 30.000 евра.

    ОЈО Гостивар каде доминираат обвиненија за отворање и служење гости во кафеани има поднесено 16 обвиненија без прецизни суми, туку казни од 10 до 100 дневни глоби за сторителите, каде не се само од 20, туку и по 30 и 50 евра од ден, зависи од тежината на делото. Нема прецизни дневни глоби ни во обвиненијата – платни налози на Штипското и Радовишкото обвинителство, казната ќе ја одреди судот.

    И тука, како и во казнените налози во сите обвинителства, има збирни обвиненија за група обвинети, а не само за еден обвинет, па оттаму, без правосилна судска пресуда, не може да се пресмета колку точно пари ќе влезат во државната каса од осудените граѓани кои не ги почитувале мерките за (само) изолација или полициски час и со тоа придонеле кон опасноста за ширење на заразата со коронавирус во Македонија.

    Судовите веќе постапуваат и на Обвинителствата им праќаат повратно дека ги прифаќаат побараните казни во целост. Осудените имаат право на приговор до истиот судија, кој ако ја потврди казната првично што ја изрекол, осудениот мора да ја плати без право на повторна жалба, со се судски трошоци.

    Во случај осудените на парични казни да немаат средства или одбиваат да платат, според законот, се изрекува затворска казна.

    С.К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира