Фризерските и козметичките салони смеат да работат иако имаат блиски контакти со граѓаните кои ги посетуваат. Во мерките кои Владата ги донесе за заштита од ширење на вирусот КОВИД-19, за овие дејности нема забрана за работа. Во Скопје дел од салоните самоиницијативно се затворени, но дел работат.
Министерот за здравство Венко Филипче на денешната редовна прес-конференција одговарајќи на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто кога веќе се воведуваат рестриктивни мерки, со нив не се опфатени и фризерниците, кажа дека сите фирми и салони кои се отворени мора да ги почитуваат препораките за заштита.
„Кај сите институции, компании, салони или други мали фирми коишто работат има препораки како да се организира работниот процес, во однос на дистанца и користење на заштитни матријали. Ова се однесува на сите вклучувајќи ги и салоните кои се во функција. Во производстените капацитети дадовме препорки во однос на бројот на работници, така да има соодветни мерки за сите приватни компании кои работат“, рече министерот Филипче.
Во понеделникот на Клиниката за инфективни болести почина фризер од Кочани. Од него заразен со коронавирус е градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево Горанчо Крстев, кој изјави дека се тестирал бидејќи кон крајот на март бил на стрижење кај починатиот фризер.
Филипче смета дека мерките кои сега се на сила се најстоги во однос на движњето и дека ќе дадат резултат во борбата со коронавирусот. Тој кажа дека се работи на постепено враќање на животот во нормала откако ќе помине пикот кој се очекува за крајот на април.
„Сакам да упатам јасна порака дека нема да може така лесно целокупниот работен процес и животот да се врати во нормала со истиот интензитет, имаќи го во предвид искуството од другите земји и предвидувањата дека секогаш постои ризик за нов втор пик. Од наредната недела ќе имаме средби со стопанските комори за да се дадат насоки на кој начин рестораните и производствените капацитети, да ја организираат работата, кого ќе престанат овие рестриктивни мерки“, рече Филипче.
А. АНТЕВСКА