Припремата на целокупните процеси за нормализирање на животот по намалувањето на рестриктивните мерки за превенција од ширење на коронавирусот ќе почнат да се прават од следната недела, и тоа не е воопшто рано за сега да се прават, вели министерот за здравство Венко Филипче.
„Тие секако ќе почнат да важат после пикот на болеста, кон почетокот или средината на мај, меѓутоа сега е важно да се направат сите планови за да може сите да се организираат. Нема да може веднаш да се врати животот во нормала со сите гужви, со оваков тип на работат на кафулиња, ресторани, огромните фабрички хали. Сите тие ќе треба да почитуваат одредени правила заради тоа што голем број пациенти може да се јават како втор пик, ако овие правила не се почитуваат“, рече министерот на редовната прес-конференција.
Според Филипче, во некој подоцен перид може ќе треба да се прави скрининг на имунитетот на населението, ама не во овој момент бидејќи се уште има нови и нови дијагостицирани пациенти.
„Засега имаме раст кој е под контрола, сега се води борба за идентификување на нови пациенти и ставање во целосна изолација на нивните контакти. Мерките за движење на асимптоматските случаи ќе го оневозможи ширењето на вирусот. Во следните месеци може да размислуваме за некој поинаков пристап“, додаде министерот.
- ЗАЕВ НЕГАТИВЕН НА КОВИД-19, ЌЕ ОСТАНЕ ВО САМОИЗОЛАЦИЈА 7 ДЕНА
- ПРВИОТ ТЕСТ НА НОВИНАРОТ НА КАНАЛ 5 ЗАБОЛЕН ОД КОВИД-19 ВО ПРИВАТНА БОЛНИЦА БИЛ НЕГАТИВЕН
- ЗАЕВ И МИЦКОСКИ ВО САМОИЗОЛАЦИЈА ПО ИНТЕРВЈУ СО ТВ НОВИНАР ПОЗИТИВЕН НА КОРОНАВИРУС, МИЦКОСКИ Е НЕГАТИВЕН, ЗА ЗАЕВ СЕ ЧЕКА РЕЗУЛТАТОТ
Во изминатите 24 пријавени се вкупно 48 нови случаи на КОВИД-19 од 8 градови. Најголем број од пријавените лице се во Куманово. Најголем дел од регистрираните случаи се на возраст над 60 години (15), а во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 26 женски и 22 машки лица, стои во статистиката на Институтот за јавно здравје.
Филипче кажа дека Кумановската болница ќе продолжи со работа затоа што е функционална и покрај големиот број на заболени од коронавирус. Откако вчера Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово побара од Министерството за здравство привремено да го затвори гинеколошко-акушерското одделение, бидејќи со коронавирус се заразиле две акушерки, денеска болницата ја посетиле претставници од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.
„Целта на нивната посета е да се организира работата во оној дел каде што имаме дијагностицирани нови лица вработени во болницата, а коишто биле во самоизолација, заради контакт со предходно дијагностицираните од болницата. Направен е целосен распоред и болницата во Куманово и во периодот што престои ќе биде целосно функционална, а доколку се наметне потреба од растеретување заради поголем број на пациенти тие ќе бидат упатувани во институциите во Скопје“, изјави Филипче.
На Инфективната клиника во Скопје во изминатите 24 часа се хоспитализирани 10 лица, а останатите се на домашно лекување. Испишани се 4 оздравени лица по добиени два негативни теста за присуство на КОВИД-19. Кај 15 лица е регистрирано присуство на коморбидитети.
Од новите дијагноцоцирани 48, 29 лица имале контакт со веќе потврден случај на КОВИД-19 во државата, а регистрирано е едно лице кое имало историја на неодамнешно патување (во последни 14 дена). Тестирани се вкупно 496 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2. Позитивни се 48 или 9,7% од тестираните.
Во моментов хоспитализирани се 66 пациенти, од нив 8 се на механичка вентилација. Во Градската општа болница „8 Септември“ хоспитализиран е 21 пациент. Од нив, 6 пациенти се наоѓаат на респираторна машина, со тешка форма на манифестација на болеста. Во Битолската болница хоспитализирани се 4 пациенти пациенти – тие се добри и стабилни со лесна форма на болеста. Во болницата во Штип примени се уште 4 пациенти. Вкупниот број на пациенти е 8, тие имаат лесна форма на болеста.
Во земјава досега има 711 заболени лица, 41 се излекувани, 32 се починати. Актини случаи се 638. Вкупно заболени здравствени работници се 95.
Од пријавените случаи, 23,3% се/биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите случаи биле/се на домашно лекување и во домашна изолација, асимптоматски или со полесна клиничка слика. Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (63,3%), кашлица (59,0%), слабост (33,5%), треска (20,0%), отежнато дишење (16,3%), болка во грло (15,7%) и главоболка (14,9%), а 220 лица се/биле без симптоми.
Во однос на коморбидитети, кај 196 лица се присутни хронична/и здравствени состојби, од кои 137 лица имаат кардиоваскуларна болест, 40 лица се со хронична белодробна болест, 40 со дијабет, 11 со хронична бубрежна болест и 26 со други хронични болести. Од хоспитализираните случаи, кај 86 се присутни коморбидитети.
С. НИКОЛИЌ