Дел од здравствените работници во земјава се заразени со КОВИД-19 бидејќи не ги почитуваат протоколите за облекување и соблекување на заштитната опрема, кажа на денешната дискусија за пандемијата на коронавирусот епидемиологот Жарко Караџовски.
Според статистиката на Институтот за јавно здравје до вчера, 10 април 106 здравствени работници се заразени со коронавирус.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто имаме голем број заболени здравствени работници со КОВИД-19, Караџовски кажа дека секаде во светот околу 5 до 10 отсто од докторите и медицинските сестри заболуваат од вирусот.
„Тоа се должи пред сѐ на несоодветно облекување и соблекување на заштитната опрема, како и на непочитување на протоколи кои укажуваат кога се става таа опрема, за каков тип на пациенти се става и манипулацијата со заштитната опрема. Бидејќи патувам изминатиов месец низ целата држава, лично се уверив дека на некои места има непочитување на протоколите. Лицата кои ја носат таа опрема прават пауза за цигара па ја користат истата заштитна опрема при работа со пациенти или несоодветно ја вадат. За таа цел цел направивме едукација на здравствените работници, а тоа можат да го научат и онлајн“, рече Караџовски.
И дружбата на медицискиот перслонал во времето кога не работат со пациенти е начин на пренесување на вирусот.
„Тоа се вика дружење во иста соба, пиење кафе, пушење цигара или џавка муабет од една страна, а од друга страна некои од нив можеби се заразени и во домашни услови. Предвид треба да се земе дека може да заболат и во домашни услови, со разговор со роднини или пријатели. Ова што го говорам го докажува фактот што досега немаме заболен доктор или медицинска сестра на Инфективна клиниката, каде што процедурата се почитува 100 отсто“, кажа Караџовски.
А. АНТЕВСКА