ПЕНДАРОВСКИ ОЧЕКУВА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА ЗА УШТЕ ЕДЕН МЕСЕЦ, В ЧЕТВРТОК ЌЕ ЗАСЕДАВА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ

    ПЕНДАРОВСКИ ОЧЕКУВА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА ЗА УШТЕ ЕДЕН МЕСЕЦ, В ЧЕТВРТОК ЌЕ ЗАСЕДАВА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТПрестедателот Стево Пендаровски денеска ја посети касарната „Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот Стево Пендаровски очекува на престојниот состанок на Советот за безбедност, чија седница е закажана за четврток, за уште еден месец да се продолжи вонредната состојба во земјава поради коронавирусот,  кажа тој денеска при посетата на касарната „Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово.

    „В четврток во 12 часот ќе го свикам Советот за безбедност, бидејќи истекува рокот од 30 дена од прогласената вонредна состојба, каде ќе ги оцениме сите мерки и активности кои досега се преземени од надлежните институции и ќе чекам формално барање од Владата дали има потреба да се прогласи нова вонредна состојба за наредните 30 дена. Според она што го знам досега, а тоа и јавноста го знае, мислам дека шансите се извесни или големи да се прогласат нови 30 дена вонредна состојба, бидејќи и опкружувањето околу нас а и внатрешните состојби, кои не ескалираат меѓутоа сѐ уште не се значително редуцирани, побаруваат ваков ангажман од сите институции и ваков тип на состојба. Ваква состојба прогласивме за првпат во 30 години независна држава, но за првпат и во светот се случуваат некои работи со пандемијата, така што ако денес ги имам ги имам тие информации од надлежните институции и ако денес ме прашувате за одлука, таа ќе биде во насока да се прогласат нови триесет денови“, изјави претседателот Пендаровски.

    Тој го дообјасни и ангажирањето на војската во спроведување на мерките за заштита од коронавирусот во Прилеп.

    „Имаше контроверзни коментари за ангажирањето на војската во Прилеп од некои луѓе и структури. Првата квалификација која ја даде градоначалникот мислам дека треба да ни биде главна во тој дел кој вели дека откако се вклучи и армијата, освен другите институции, состојбата значително се подобри пред тие објекти. Армијата, според оние одлуки кои јас ги имам потпишано и според Законите и Уставот, не може никаде, па ни во Прилеп, да работи самостојно туку само во поддршка на МВР. Така беше и вчера во Прилеп. Армијата не е надлежна ни по Устав ни по Закон да се грижи за јавниот ред и мир, за тоа се надлежни припадниците на МВР, а армијата ќе им помага и ќе биде во поддршка на припадниците на МВР и не може самостојно да заведува ред и мир. Тоа не го правеше ни во Прилеп ниту ќе го прави било каде. Ако кризниот штаб од Општина Тетово побара ваков ангажман ќе го добие, но само во таква функција“, појасни Пендаровски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира