Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев кажа дека синоќешниот инцидент во Ченто е тенденциозен и со политичка заднина, на денешната прес-конференција во МВР. Тој вели дека се лажни вестите дека приведените тројца биле земени од дома и малтретирани во полициската станица Гази Баба.
„Политичката позадина не го оправдува поведението на вчерашниот настан во Ченто, туку говори за тенденциозно загрозување на здравјето на граѓаните кои живеат во овој дел од градот, а кое е предизвикано, меѓу другото, и од политички побуди“, рече Чулев.
Чулев кажа дека вчера околу 21.10 часот на социјалните мрежи била забележана фотографија на групирани лица на ул. „Алија Авдовиќ“ во Ченто и полицијата со патрола контролирала дали таму се прекршуваат мерките на Владата за почитување на полицискиот час. Кога стигнале таму, рече тој, имало осум лица и дел од нив се разбегале, а тројца останале на местото и биле лишени и спроведени во полициската станица Гази Баба за натамошно постапување.
„При лишувањето од слобода, едното лице се претставило како член на Советот на Општина Гази Баба од редовите на СДСМ, со што сакал да изврши притисок врз полициските службеници со цел да не биде лишен од слобода“, рече Чулев.
Тој додаде дека бил извршен разговор и изготвен службен материјал и врз основа на тоа поднесени се кривични пријави за кривично дело казниво по член 206 од Кривичниот законик, меѓу кои и за советникот на СДСМ. Потоа, рече Чулев, околу 22 часот, е добиена информација дека на местото каде што тие биле приведени е собрана поголема група луѓе чиј мотив била, како што рече, лажната информација дека тие се физички малтретирани во полициската станица и дека биле лишени од слобода во нивните домови.
„Потенцирам дека двете информации не се точни и тоа е потврдено во исказите што ги дале лицата кои наведуваат дека биле затекнати на улицата ’Алија Авдовиќ‘ и спроведени во полициската станица“, изјави Чулев.
МВР претходно соопшти дека синоќа во 22 часот во Полициска станица Гази Баба полицијата ги лишила од слобода В.М. (19) од Арачиново, С.Р. (21) од село Синѓелиќ и В.В. (30) жител на ул.„Алија Авдовиќ“ во населбата Ченто зашто не ја почитувале забраната за движење, а откако биле приведени, поголема група граѓани излегле на улицата „Алија Авдовиќ“ за да протестираат.