КОГА МОЖЕШЕ ПАПАТА САМ ДА ДРЖИ МИСА И САУДИСКА АРАБИЈА ДА ГИ ЗАТВОРИ НАЈСВЕТИТЕ ЏАМИИ, НЕ ГЛЕДАМ ЗОШТО МПЦ И ИВЗ ТОА НЕ БИ ГО ПОЧИТУВАЛЕ, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ

    КОГА МОЖЕШЕ ПАПАТА САМ ДА ДРЖИ МИСА И САУДИСКА АРАБИЈА ДА ГИ ЗАТВОРИ НАЈСВЕТИТЕ ЏАМИИ, НЕ ГЛЕДАМ ЗОШТО МПЦ И ИВЗ ТОА НЕ БИ ГО ПОЧИТУВАЛЕ, КАЖА ПЕНДАРОВСКИПретседателот Стево Пендаровски рече дека државата треба исто да се поставува кон припадниците на секоја вероисповест, како и кон атеистите, и да мисли на последиците. (Фото: Кабинет на Претседателот)

    Претседателот Стево Пендаровски на новинарско прашање од САКАМДАКАЖАМ.МК денеска по седницата на Советот за безбедност одговори дека ако Папата Франциск можеше сам да служи миса за католички Велигден, а Грција и Србија во екот на пандемија од коронавирус да ги затворат црквите за посета и причесна за православниот Велигден, зошто тоа не го размислат и МПЦ, но и ИВЗ која е пред Рамазанските пости.

    „Еве ќе спомнам само неколку примери кои новинарите самите ги спомнаа во дел од своите прашања, како се однесуваат во оваа ситуација без преседан некои од највлијателните, најглобалните верски лидери во ситуација без преседан, како што е пандемијата со коронавирус. Го спомнавте Папата. Значи, сосема сам ја држи мисата што не се случило никогаш во долгата историја на католичката вероисповест. Има и еден друг податок, кој не знам дали го знаат нашите граѓани. Саудиска Арабија седиште на најсветите места за исламот, Мека и Медина. Таму се наоѓаат џамиите кои секоја година се посетуваат милиони верници на аџилак. Може нема да ви се верува, меѓутоа на 20 март оваа година, саудиските власти донесоа одлука со која ги затворија двете најсвети џамии за секој муслиман во светот. Ако може тоа да го прави Папата и најсветите муслимански места, не можам да видам зошто нашите верски заедници тоа не би го почитувале?“, рече Пендаровски.

    Тој рече дека државата треба исто да се поставува кон припадниците на секоја вероисповест и да мисли на последиците.

    „Почнуваат следната недела и Рамазанските пости. Значаен дел од постите се одвива во време кога треба да има полициски час. Како ќе се постави сега, државата треба на ист начин да се постави и кон припадниците на која било друга вероисповед. Правилата, прописите кои Владата ги носи важат за сите нас, почнувајќи од мене и тие треба да се почитуваат без резерва“, кажа тој.

    На Советот за безбедност не стана збор за однесувањето на верските заедници и на верниците, туку за тоа се реферира во централниот кризен штаб, одговори Пендаровски на новинарско прашање.

    Вчера, премиерот Оливер Спасовски рече дека не може да им се забрани на верниците да одат в црква за Велигден и да пијат вино за причесна од иста лажица и од иста чаша. Рече дека практикувањето на верата едноставно не може да им се забрани на граѓаните, оти тоа е уставно право.

    Без да го спомене Спасовски, Пендаровски денеска само се надоврза и кажа: „Во овој момент е загрозено и уставното право на слободно движење и образование“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира