Секој граѓанин може да даде свој придонес во ублажување на климатските промени, е пораката со која денеска се одбележува 22 Април, Денот на планетата Земја. Денеска светот ја одбележува 50-годишнината од прославувањето на Денот на планетата Земја, а годинешната тема е Климатска акција, една од најголемите предизвици но и можности за иднината на човештвото.
Секој од нас тоа може да го направи преку селекција на отпадот, штедење енергија и вода, користење на локални производи или засадување едно дрво пред домот или работното место, велат од Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко свест“.
„Пандемијата која во изминатите два месеца го зафати целиот свет на сите луѓе им ги отвори очите за сериозноста на нашиот однос спрема планетата, природата, средината и нашето здравје. Моменталниот прекин на животот каков што го знаеме, ни остави можност да размислиме и да се потсетиме дека здравјето е сепак, најважно. Научивме дека претераното и недомаќинско трошење на природните ресурси предизвикува промени во климата и појава на нови болести досега непознати за човекот. Одговорноста на секого е огромна, но сега пред нас се појавува можноста да изградиме нов систем базиран на здрави и одржливи економски активности и вредности“, велат од „Еко свест“.
Посочуваат неколку точки со кои ќе се овозможи промена во системот и со тоа до ублажување на последиците од климатските промени. Селекцијата на отпад е нешто што секој граѓанин може да го прави без разлика дали постои воспоставен систем. Ако не постои систем за селектирање може сами да го создадеме, едно по едно маало, еден по еден град.
Водата отсекогаш сме ја имале во изобилие, но никогаш не сме научиле да ја штедиме и чуваме. Време е да почнеме да ги штедиме водните ресурси, бидејќи се скапоцени.
„Електричната енергија кај нас сè уште доаѓа од јагленот кој е валкан извор со многу последици по климата, здравјето и животната средина. Токму затоа е исклучително важно да го направиме домот енергетски ефикасен, меѓутоа и да спречиме непотребни загуби на енергијата во секојдневното извршување на домашните задачи. Оние кои можат да си дозволат да постават фотоволтаици, време е тоа да го направат сега“, велат од „Еко свест“.