Со заштитни маски и ракавици граѓаните ќе одат на гласање, кога ќе се спроведат парламентарните избори, најави генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски. Тој на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање како ќе се спроведат изборите во ситуација на пандемија на КОВИД-19, Николовски кажа дека ќе се почитуваат сите протиколи за држење растојание и носење заштитна маска, а митинзи нема да има.
„Сериозното,одговорно и навремено преземање на мерки и политики од страна на државата и почитување на мерките придонесува да се стави оваа криза под контрола. Се намалуваат бројот на новозаразени и се зголемува бројот на оздравени. Тоа го наметнува прашањето на враќање во нормала на секојдневниот живот. Одржување на растојание од 2 метри и користење на маски ќе останат секојдневие и понатаму. Тоа значи и во контекст на изборниот процес, дистанцата и заштитните маски ќе бидат дел и од изборите, вклучувајќи и други медицински протоколи. Ќе се избегнуваат сите јавни и масовни собири и ќе се користат дигиталните и електронските алатки во кампањата и комуникацијата со граѓаните“, рече генералниот секретар Николовски.
Николовски на денешната прес-конференција кажа дека сите функционери на СДСМ ќе се откажат од платата и покрај одлуката на Уставен суд.
А. АНТЕВСКА