Вработени во скопската Зоолошка градина во дворот пронашле бомба. Како што ни изјави директорот Ѓорѓи Галетановски вработените копале дупка за изградба на фонтана кај малото езерце, при што ја забележале бомбата.
„Веднаш е повикана полиција, дојде единицата за антитероризам и бомбата е однесена на понатамошно испитување. Најверојатно е бомба од Втората светска војна. Нема никој повреден од вработените кои биле многу внимателни кога ја пронашле бомбата“, вели директорот Галетановски.
Зоолошката градина од средината на март не работи поради пандемијата на КОВИД-19, па ниту вчера немало посетители кога била најдена бомбата.
А.АНТЕВСКА