Светската здравствена организација (СЗО) објави дека не е изненадена од француското истражување кое покажа дека коронавирусот бил присутен во таа земја уште на 27 декември. СЗО притоа ги повика земјите да истражат и други сомнителни случаи.
Коронавирусот кој ја предизвикува болеста КОВИД-19 првпат бил пријавен од кинеските власти во СЗО на 31 декември и досега се веруваше дека се проширил во Европа дури во јануари.
„Ова фрла нова светлина на сѐ досега. Француското откритие може да ни помогне подобро да го разбереме ширењето на коронавирусот“, изјави портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмаер, додавајќи дека со повторни тестирања би можеле да се откријат уште рани случаи.
Француски истражувачи предводени од д-р Ив Коен повторно тестирале стари брисови од 24 пациенти од две болници во близина на Париз и еден од нив бил позитивен на коронавирус.
„Последното патување на овој пациент било во Алжир во август 2019. Засега е тешко да се каже дали тој е нултиот пациент во Франција. Сепак, ова сугерира дека вирусот веќе се ширел меѓу француското население во декември“, вели Коен.
Од првите три потврдени случаи на коронавирус на 24 јануари, во Франција починале речиси 25.000 луѓе.