МПЦ ДА ПОЧНЕ ДА СЕ ОДНЕСУВА СЕРИОЗНО ОТКАКО НАПРАВИ НИЗА ПРОПУСТИ, АПЕЛИРА СПАСОВСКИ

    МПЦ ДА ПОЧНЕ ДА СЕ ОДНЕСУВА СЕРИОЗНО ОТКАКО НАПРАВИ НИЗА ПРОПУСТИ, АПЕЛИРА СПАСОВСКИПремиерот Оливер Спасовски на паркингот пред болницата „8 Септември“ на одбележувањето на 9 Мај - Денот на Европа. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Оливер Спасовски апелираше до Македонската православна црква (МПЦ) да се однесува сериозно, а до Исламската верска заедница (ИВЗ) апелираше да ја преиспита одлуката да ги отвори џамиите за верници на 12 мај.

    „Апелирам да си ја преиспитаат сопствената одлука во делот на отворањето на верските објекти, меѓутоа исто така укажувам и МПЦ да се однесува сериозно заради тоа што направи низа на пропусти во изминатиот период, изјави Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање на прославата на 9 Мај – Денот на Европа пред болницата „8 Септември“ во Скопје.

    Спасовски кажа ќе се прави ребаланс на буџетот, но дека сега нема одлука за намалување на платите на јавната администрација.

    „Во наредните денови ќе се разговара за ребаланс на буџетот. За платите на администрацијата сега немаме таква одлука. Ги гледаме сите анализи кои што се пред нас. Знаете дека донесовме одлука и јас сметам дека тоа беше една од најисправните одлуки, токму функционерите ние кои имаме најголеми плати во државата да ги намалиме на минимална плата. Сепак тоа не беше наша одлука туку на Уставниот суд, меѓутоа сите функционери веќе ги донираат своите плати во фондот што го формиравме за оваа криза КОВИД-19“, рече Спасовски.

    Тој рече дека датумот на изборите ќе биде одлучен на лидерската средба на 12 мај, а одлуката пред сè ќе се базира на развојот на здравствената криза.

    „Одлуката за датумот на изборите ќе треба да се донесе врз основа на стручните анализи на Комисијата за заразни болести. Не знам дали е идеално време јуни за да се одржат парламентарните избори, но заради најавите дека е можно да се врати оваа криза уште еднаш после септември, мислам дека е неопходно да се одржат што е можно побрзо, имајќи предвид дека на државата и се потребни функционални институции кои ќе можат да носат одлуки за сите прашања кои се во интерес на граѓаните“, кажа Спасовски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира