„Фокс њуз“, кој важи за медиум близок до конзервативците, им порача на своите гледачи да не го следат примерот на Доналд Трамп, кој кажа дека зема лек за маларија за да се заштити од коронавирусот.
На вчерашниот редовен брифинг во Белата куќа, Трамп откри дека веќе една и пол недела зема хидроксихлорокин. Трамп и некои водители на „Фокс“ претходно го промовираа овој лек како потенцијален третман за КОВИД-19, додека владата предупредуваше дека неговата безбедност и ефективност не е докажана и дека може да има трагични споредни ефекти.
- ТРАМП ВЕЛИ ДЕКА ЗЕМА ЛЕК ПРОТИВ МАЛАРИЈА ЗА ПРЕВЕНЦИЈА ОД КОВИД-19, ИАКО НЕ Е ДОКАЖАН КАКО БЕЗБЕДЕН
- МАЖ ОД АРИЗОНА ПОЧИНАЛ ОТКАКО ИСПИЛ СРЕДСТВО ЗА ЧИСТЕЊЕ АКВАРИУМИ ЛЕКУВАЈЌИ СЕ ОД КОРОНАВИРУС
Водителот на „Фокс њуз“, Нил Кавуто, кој има мултипла склероза и други здравствени проблеми, ја опиша изјавата на Трамп како шокантна и ги предупреди гледачите дека би можеле да се соочат со сериозни последици ако го следат неговиот пример.
„Бидете многу, многу внимателни. Ако претседателот рекол дека нешто е во ред, тоа не значи дека треба да го направите. Ова не е политичко прашање, туку прашање на живот и смрт“, кажа Кавуто.
По ваквата изјава на Кавуто, Трамп возврати дека „‘Фокс њуз‘ не е тоа што беше“ и дека „треба да си побара нов медиум“.
Во март, маж од Аризона почина, а неговата сопруга беше во тешка состојба откако испиле средство за чистење аквариуми кое содржи хлорохин, наводно обидувајќи се да се излекуваат од коронавирус. Ова уследи откако Трамп го препорача лекот како можен третман за КОВИД-19. Администрацијата за храна и лекови на САД го има одобрено хидроксихлорокин како лек за маларија, лупус и ревматоиден артритис, но не и за коронавирусот.
И македонските здравствени власти во тоа време предупредија на опасноста од самостојно земање терапија.
На брифинзите во Белата куќа Трамп неколкупати промовираше опасни терапии за КОВИД-19, па така сугерираше дека вбризгување дезинфициенс, изложување на УВ-зраци и пиење избелувач би можело да им помогне на болните.