Поранешната обвинителка од СЈО Ленче Ристоска на онлајн презентацијата на ОБСЕ на третиот и последен извештај за работата на СЈО, кажа дека судот одлично ги води само корупциските случаи кај што има само еден, двајца, односно мал број обвинети лица, но не е оспособен за поголемите случаи со голем број обвинети.
„Почетна основа за формирањето на СЈО, големиот интерес за неговата работа и ефектите од неа беше токму големината на проблемите со кои се соочуваше нашето општество, а особено нашиот правосудниот систем. Она што за жал на крајот СЈО успеа да го посочи, а овој Извештај јасно го покажува, е дека нашето општество не е подготвено за решавање на колосални проблеми и нема капацитет за администрирање на големи предмети. Не се обезбедени ниту законски, ниту практични услови за процесирање и успешно администрирање на големи кривични предмети во кои се вклучени поголем број на високо профилирани лица, опфатен е подолг временски период и предложени се голем број на докази. Кон ваквиот мој заклучок се надоврзува и констатацијата во Извештајот дека судот одлично ги раководел и постапувал со предметите со мал број обвинети лица“, коментираше обвинителката Ристоска, која води повеќе високопрофилни случаи од поранешното СЈО.
Развлекувањето на судските постапки во кои се обвинети поранешни функционери се должи меѓу другото и на тоа што обвинителите од ова обвинителство на судење ги предлагаат сите докази што ги нашле и сите сведоци што ги сослушале во истрагата, констатира ОБСЕ за работата на СЈО, прво и последно кое досега обвинило високи функционери.
ОБСЕ, чии претставници редовно ги набљудуваат сите судски процеси по обвиненијата од СЈО, смета дека обвинителите требало да селектираат кои докази и сведоци ќе ги предложат на судење, а не сите, за судењата да се одвиваат побрзо.
„ОБСЕ не анализираше колку сведоци сме испрашувале во истрагите, за да знае дали сите ги предлагаме на судење. Во ‘Талир’ не се ни пола од тие што беа во истрагата на пример. Еве го прашувам ОБСЕ, како се бираат најрепрезентативни докази? Нема таква проценка. Секој обвинител треба да си ги поднесе сите докази што го поткрепуваат обвинението, откај да знае обвинителот кој доказ ќе го убеди судот?“, полемизираше Ристоска.
Таа потсети дека е занемарен фактот дека грамадните случаи со по 20-ина обвинети како „Титаник 1“ и „Тврдина-Таргет“, опфаќаат период и од седум години вршење на кривичното дело, опфатени се неколку изборни циклуси, нелегалното прислушување траело од 2008 година.
Натаму, некаде мора криминалот и на индиректен начин да се докажува, не е се на директен начин, кажа Ристоска, која смета дека проблемот е во начинот на кој се презентираат доказите во судските постапки и затоа треба да се смени законот, да се обезбедат јасни процесни правила.
На критиките на ОБСЕ и во одбрана на судот се придружи и претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев, кој рече дека СЈО и одбраната беспотребно предлагаат докази и сведоци во доказната постапка. На забелешката на ОБСЕ дека ни судиите не вршеле селекција и ги прифаќаат сите докази и сведоци, Џолев кажа: „Точно е дека можеа судиите да селектираат, но во услови на намалена доверба кон судството, тие сите во принцип ги прифаќаат, само да не ги загрозат правата на странките“.
ОБСЕ има забелешка до судовите дека судиите не ги користат механизмите да ги „донесат“ и задржат обвинетите и сведоците кои не доаѓаат на судење, се разболуваат „јадат ќотек“ или менуваат адвокати, само да ги одолговлечат постапките.
За причините за одлагање на судењата од висок јавен интерес, како што се тие од СЈО, Џолев рече дека судот нема своја вина. Проблемот, рече тој, е во судиите поротници, претставници на граѓаните, ретко, по исклучок на судиите.
„Поради пензионирање и смена на поротници постапките почнуваа отпочеток. Треба да се измени регулативата, да се утврдат нивните права и обврски“, побара од законодавната власт претседателот на Кривичниот суд.
С. К. ДЕЛЕВСКА