„МАЛИОТ БИТОЛСКИ МОНМАРТР“ СЕ ОДРЖУВА БЕЗ ДЕЦАТА ТВОРЦИ, НО ИЗЛОЖЕНИ СЕ 717 НИВНИ ЦРТЕЖИ

    „МАЛИОТ БИТОЛСКИ МОНМАРТР“ СЕ ОДРЖУВА БЕЗ ДЕЦАТА ТВОРЦИ, НО ИЗЛОЖЕНИ СЕ 717 НИВНИ ЦРТЕЖИПочетокот на 39. детски фестивал „Мал Битолски Монмартр“ беше означен со пуштање балони на Широк Сокак. (Фото: СДК.МК)

    Поради пандемијата со КОВИД-19, за првпат во 39-годишното постоење детскиот фестивал „Мал Битолски Монмартр“ годинава се одржува без детските ликовни амбасадори. Во Битола не допатуваа деца од целиот свет како што е традицијата на Фестивалот, но ги испратија нивните цртежи кои се поставени во просториите на Детското ликовно струдио „Св.Кирил и Методиј“ во Битола.

    „На конкурсот пристигнаа над 15.000 творби, стручното жири ги одреди наградите, но потоа се појави коронавирусот и годинава останавме без гости. Но, затоа ја имаме светската изложба, 38. по ред и изложени се 717 дела од млади ликовни творци ширум светот“, рече Елена Хаџи Антоновска од Детското ликовно студио во Битола.

    Романскиот почесен конзул во Битола Александрас Мамакис со градоначалничката Наташа Петровска на денешниот старт на фестивалот. (Фото: СДК.МК)

    Гран-при наградата ѝ е доделена на ученичката Марија Дима од Букурешт, Романија, која има битолско потекло. Но, поради актуелната состојба со коронавирусот таа не можеше да допатува во Битола и да ја подигне. Место неа, наградата ја зеде романскиот почесен конзул во Битола Александрас Мамакис кој преку Романската амбасада ќе му ја испрати наградата на ученичката.

    За парпат на отворањето годинава не присуствуваше ни таткото на фестивалот Коста Хаџи Антоновски, кој е во години и со кревко здравје. Градоначалничката Наташа Петровска го поздрави со ветување дека следното 40. јубилејно издание ќе биде одбележано со манифестација што ќе остави белег каков што заслужува фестивалот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира