Отстранет е панорамскиот лифт кој почна да се гради на влезот во Градскиот трговски центар (ГТЦ), кај вртеното скалило, кое е еден од симболите на Скопје. Откако на 27 април раководството на ГТЦ ја стопираше изградбата на лифтот, по реакциите на архитектите дека е дивоградба и го сквернави еден од најзначајните објекти на македонската модерна архитектура, денеска е извадена железната конструкција и тој нема да се гради.
Од Градскиот трговски центар за САКАМДАКАЖАМ. МК велат дека го послушале гласот и барањето на јавноста лифтот да не се гради.
„Со фирмата изведувач имаме склучено договор да им се плаќа по фази на изведба. Изведена беше првата и втората фаза, што значи ќе мора да им исплатиме околу 20 отсто од вкупната сума“, велат од раководството на ГТЦ.
За изградбата на панорамскиот лифт требаше да бидат потрошени 4 милиони денари односно 65.000 евра.
Панорамскиот лифт во ГТЦ, за кој раководството кажа дека е за пристап на лица со хендикеп, почна да се гради во април. Веста предизвика жестоки реакции на стручната и општата јавност. Архитектите сметаат дека лифотот е дивоградба што го нагрдува архитектонското наследство. Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ кажа дека Општината не е задолжена да издава градежна дозвола бидејќи станува збор за пристап за инвалиди, но беше конфронтиран од Претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) Мартин Пановски, кој кажа дека лифтот треба да се тргне од ГТЦ, а Општина Центар не требало да даде согласност за проектот кој бил доставен до нив, бидејќи објектот е достапен за лица со посебни потреби и без овој лифт.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов тогаш кажа дека смета оти во ГТЦ не треба да има панорамски лифт, оти тоа е исто како и да добие барокна фасада, и дека во разговор со директорот Ѓоко Трајчевски побарал градбата да престане.
- ПОСТАВУВАЊЕ ПАНОРАМСКИ ЛИФТ Е ИСТО СО ГТЦ ВО БАРОК, ПРОЕКТОТ ЌЕ СЕ ОТКАЖЕ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ
- СТОПИРАНА ИЗГРАДБАТА НА ПАНОРАМСКИ ЛИФТ НА ГТЦ ОТКАКО АРХИТЕКТИТЕ ОБВИНИЈА ЗА ДИВОГРАДБА
- ПАНОРАМСКИОТ ЛИФТ СЕГА НЕ Е УБАВ ОТИ СЕ ГРАДИ, АМА ЌЕ ГО РАЗУБАВИ ГТЦ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ТРАЈЧЕВСКИ
А. АНТЕВСКА