БАБАТА НА ДЕСЕТМЕСЕЧНОТО ДЕТЕ КОЕ ПОЧИНА ВО ШВАЈЦАРИЈА E ПОЗИТИВНА НА КОВИД-19, КОНТАКТИТЕ ГИ КАЖАЛА СО АСИСТЕНЦИЈА НА ПОЛИЦИЈА

    БАБАТА НА ДЕСЕТМЕСЕЧНОТО ДЕТЕ КОЕ ПОЧИНА ВО ШВАЈЦАРИЈА E ПОЗИТИВНА НА КОВИД-19, КОНТАКТИТЕ ГИ КАЖАЛА СО АСИСТЕНЦИЈА НА ПОЛИЦИЈАШвајцарскиот лекарски тим со специјален авион на 25 мај го однесе детето од Скопје во Швајцарија, а почина во саботата. (Фото: Од личната архива на д-р Аспазија Софијанова)

    Бабата на десетмесечното дете  кое на барање на родителите беше транспортирано во Швајцарија и во саботата почина од можни компликации од инфекција од КОВИД-19, на свое барање сакала да замине од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, но со асистенција на Министерството за внатрешни работи соработуваше за епидемиолошката анкета,  кажа денес министерот за здравство Венко Филипче.

    Бебето, чии родители живеат во кантонот Аргау, се заразило во странство, а случајот се истражува, кажа Стефан Кустер, шеф на Одделот за инфективни болести во Државната канцеларија за јавно здравје во Берн. Десетмесечното дете живеело со бабата во Скопје, а родителите работеле во Швајцарија. И детето и бабата која се грижела за него биле позитивни на тестот за коронавирус.

    Шефицата на Одделот за интензивна нега во Клиниката за детски болести во Скопје проф. д-р Аспазија Софијанова на 30 мај кажа дека бебето било донесено на 24 мај со грчеви, тресење, температура, со симптоми на вирусен енцефалит. Ден претходно, детето било кај матичен лекар, по што било препратено во Детската специјална клиника за белодробни заболувања во Козле, каде што било прегледано, но домашните одбиле хоспитализација. По пат, детето паѓа во бессознание и го однеле во Детската клиника.

    Од Министерството за здравство во саботата за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека бабата во петокот била пуштена од Инфективната клиника, и дека одбила да се лекува. Пријавено било во Државниот санитарен и здравствен инспекторат и издадено е решение од нивна страна за домашно лекување сè до последователни два негативни бриса.

    „Бабата сакаше да замине од болница, констатирано е дека може да биде на домашно лекување. Имавме и уште еден таков пациент, кој доби решение за домашно лекување. Бабата не сакаше да соработува, и со асистенција на МВР, направена е анкета и според нејзиното кажување, од нејзините контакти во близина, никој нема добиено решение за самоизолација“, рече денеска министерот Филипче.

    Исцрпните интерклинички испитувања давале сомнеж за тумор во мозокот. Д-р Софијанова по консултации со неврохирург и невролог ги известила родителите во Швајцарија, по што таткото го активирал тамошното здравствено осигурување. Во координација со колегите од Швајцарија д-р Софијанова го организирала транспортот на детето и доцна вечерта таа и сестра од Брзата помош во Скопје го предале детето на швајцарскиот лекарски тим кој со специјален авион долета на Скопскиот аеродром.

    Доктор од Аргау, за Државната швајцарска телевизија СРФ изјави дека сѐ уште не е јасно која била причината за смртта на детето.

    „На 26 мај, дете под една година беше транспортирано од Рега во Детската болница во Цирих. Бебето беше во тешка состојба и имаше позитивен тест на КОВИД-19. Подоцна бебето почина“, изјави Ивон Хумел.

    „Детето имаше тежок менингит. Голем број на вируси може да ја предизвикаат оваа болест. Ние не можеме сега да ја одредиме точната причина за смртта“, изјави Хумел во петокот попладне.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира