ВО ШВАЈЦАРИЈА ПОЧИНА ДЕСЕТМЕСЕЧНО ДЕТЕ ОД МАКЕДОНИЈА ОД МОЖНИ КОМПЛИКАЦИИ ОД КОРОНАВИРУС

    ВО ШВАЈЦАРИЈА ПОЧИНА ДЕСЕТМЕСЕЧНО ДЕТЕ ОД МАКЕДОНИЈА ОД МОЖНИ КОМПЛИКАЦИИ ОД КОРОНАВИРУСШвајцарскиот лекарски тим со специјален авион во понеделникот го однесе детето од Скопје во Швајцарија. (Фото: Од личната архива на д-р Аспазија Софијанова)

    Во Швајцарија почина десетмесечно дете од Македонија од можни компликации од инфекција од коронавирус. Тоа е прв смртен случај на дете позитивно на коронавирус во Швајцарија, соопштија властите, а во тек е истрага за случајот. Веста беше потврдена од Стефан Кустер, шеф на Одделот за инфективни болести во Државната канцеларија за јавно здравје во Берн.

    Бебето, чии родители живеат во кантонот Аргау, се заразило во странство, а случајот се истражува, кажа Кустер без да објавува дополнителни информации.

    Десетмесечното дете живеело со бабата во Скопје, а родителите работеле во Швајцарија.

    И детето и бабата која се грижела за него биле позитивни на тестот за коронавирус.

    Шефицата на Одделот за интензивна нега во Клиниката за детски болести во Скопје проф. д-р Аспазија Софијанова вели дека бебето во неделата било донесено со грчеви, тресење, температура, со симптоми на вирусен енцефалит. Пред тоа, во саботата детето било кај матичен лекар, по што било препратено во детската специјалната клиника за белодробни заболувања во Козле, каде што било прегледано, но домашните одбиле хоспитализација. По пат детето паѓа во бессознание и го однеле во Детската клиника.

    Исцрпните интерклинички исипитувања давале сомнеж за тумор во мозокот. Д-р Софијанова во понеделникот по консултации со неврохирург и невролог  ги известила родителите во Швајцарија, по што таткото го активирал тамошното здравствено осигурување.  Во координација со колегите од Швајцарија д-р Софијанова го организирала транспортот на детето и доцна вечерта таа и сестра од Брзата помош во Скопје го предале детето на швајцарскиот лекарски тим кој со специјален авион долета на Скопскиот аеродром.

    Доктор од Аргау, за Државната швајцарска телевизија СРФ изјави дека сѐ уште не е јасно која била причината за смртта на детето.

    „На 26 мај, дете под една година беше транспортирано од Рега во Детската болница во Цирих. Бебето беше во тешка состојба и имаше позитивен тест на КОВИД-19. Подоцна бебето почина“, изјави Ивон Хумел.

    „Детето имаше тежок менингит. Голем број на вируси може да ја предизвикаат оваа болест. Ние не можеме сега да ја одредиме точната причина за смртта“, изјави Хумел во петокот попладне.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари