КАРАНТИН ЗА СКОПЈЕ, ТЕТОВО, КУМАНОВО И ШТИП ОД ЧЕТВРТОК ВО 21 ЧАСОТ ДО ПОНЕДЕЛНИК НАУТРО, ПРЕДЛАГА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

    КАРАНТИН ЗА СКОПЈЕ, ТЕТОВО, КУМАНОВО И ШТИП ОД ЧЕТВРТОК ВО 21 ЧАСОТ ДО ПОНЕДЕЛНИК НАУТРО, ПРЕДЛАГА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИЗа денеска се очекува рекордна бројка на новозаболени бидејќи во меѓувреме пристигнаа резултати и од приватни лаборатории. - Детал од Инфективното одделение на болницата „8 Септември“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    Комисијата за заразни болести одлучила да ѝ предложи на Владата да се затегнат мерките за спречување на ширењето на коронавирусот поради зголемениот број нови случаи на КОВИД-19 со тоа што би се вовел карантин за кризните подрачја Скопје, Тетово и тетовско, Куманово и кумановско и Штип веќе од четврток во 21 часот и би траел до понеделник наутро во пет часот, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во Комисијата кои не се овластени да даваат изјави за јавноста.

    Комисијата денеска заседаваше двапати затоа што се очекува рекордна бројка на новозаболени бидејќи во меѓувреме пристигнаа резултати и од приватни лаборатории.

    За останатиот дел од државата се препорачува да се воведе полициски час секој ден од петок во 16 часот до 5 часот наутро и би траел до понеделник. На седницата на комисијата бил министерот Венко Филипче и претставник на министерството за внтарешни работи.

    Владата попладнево треба да одлучи за предлозите на Комисијата.

    Комисијата се реши на ваков потег поради заканите од ширење на коронавирусот за претстојниот продолжен викенд за Задушница и Духовден и затоа што мерките за заштита не се почитуваат. Дополнително, во одредени делови од земјата, како Лабуништа и околните села, Липково и Тетово многумина од суспектните случаи одбиваат да се тестираат и да ги кажат контактите и не може да се утврди точната бројка на заразени.

    Предлогот за враќање на полицискиот час во Скопје, Тетово и Штип е и поради тоа што младите се собираат по паркови, на Водно и слично, а сендвичарите, пицериите и пекарите, сите работат и по 22 часот, практично цела ноќ.

    Екипите на Институтот за јавно здравје ќе работат со целосен капацитет за време на продолжениот викенд, ќе има масовни тестирања во кризните подрачја за да може во понеделник да се добие нова слика со ширењето на епидемијата во земјата.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира