Во текот на вчерашниот ден, во Велешко има тројца новозаразени со коронавирусот, меѓу кои и докторка од приватното здравство и тригодишно дете, а оздравени се четири лица, информираа од Центарот за јавно здравје од Велес. Со ова, активни во Велешко се 27 пациенти.
Ова е трет заболен здравствен работник за седум дена позитивен на КОВИД-19 во Велешко. Претходно беа две медицински сестри, една од приватното здравство и друга од Детското одделение од Велешката болница.
„Имаме еден случај на позитивен лекар од приватното здравство, едно тригодишно дете – внуче на заразен и едно лице од фамилија која претходно беше позитивна, кое беше дома во изолација. Тоа немаше симптоми, но самоиницијативно се тестирало на приватна клиника во Скопје и резултатите покажале дека е позитивен. Имаме четири лица кои се оздравени, откако биле негативни на два последователни теста. Тие биле на домашно лекување“, изјави Центарот за јавно здравје од Велес.
Докторката од приватната амбуланта се заразила од пациентката од Бузалково која била на лекарски преглед, некој ден подоцна во лоша состојба беше донесена на Инфективното одделение од Велес, а потоа препратена на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, каде резултатите покажале дека е позитивна. Во оваа болница се хоспитализирани се три позитивни со КОВИД-19 од Велешко, а едно лице е на Инфективна клиника.
На Инфективното одделение од Велешката болница има хоспитализирано 11 потврдено позитивни лица и две со симптоми за кои се чекаат резултати.
П. ПЕЧКОВ