МОНТАЖНАТА КОВИД БОЛНИЦА ВИКЕНДОВ ЌЕ БИДЕ ЦЕЛОСНО ОПРЕМЕНА И ФУНКЦИОНАЛНА

    МОНТАЖНАТА КОВИД БОЛНИЦА ВИКЕНДОВ ЌЕ БИДЕ ЦЕЛОСНО ОПРЕМЕНА И ФУНКЦИОНАЛНАМонтажната болница ја изгради велешката компанија „Брако“, a за нејзината изградба швајцарската влада донираше 200.000 швајцарски франци. (Фото: К. Попов)

    Монтажната ковид болница до Инфективната клиника во Скопје треба да почне да функционира наскоро, велат од Министерството за здравство. Таа е веќе опремена со мебел, кажа вчера министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција. Објектот сега ќе се користи како КОВИД центар, а во иднина како ургентен центар на Инфективната клиника каде што ќе се прави тријажа на пациентите кои потоа ќе се распределуваат каде што треба за лекување по другите клиники.

    Монтажната болница има капацитет од 72  болнички кревети во дел стационар, плус амбулантски и тријажен простор, соби за одмор на персонал, тоалети за пациенти и персонал, гардеробери и соби за состаноци.Целата структура на монтажната болница е поврзана со „топла врска“ со зградата на Клиниката за инфективни болести. Влезот е поставен централно на „топлиот ходник“ до кој се пристапува директно со амбулантско возило.

    „Овој викенд, после нецели 3 месеци деноноќна работа, се дооформува тријажниот простор со додавање на модули, немедицинската опрема и инвентарот се доставуваат, и оваа монтажна болница ќе може да започне да се користи. Во периодот кој следи околината ќе се уреди и партерно, со паркинзи, службени пристапи и зеленило. Оваа болница е инфраструктурно веќе готова“, велат од Министерството за здравство.

    Монтажната болница ја изгради велешката компанија „Брако“ за само 14 дена, а за нејзината изградба швајцарската влада донираше 200.000 швајцарски франци.

    Во Вухан, епицентарот на пандемијата на коронавирус, кинеските власти изградија монтажна болница за 10 дена, а потоа такви болници изградија и други земји погодени од пандемијата.

    Според вчерашните податоци, на Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани  71 пациент. На кислородна поддршка се 39 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.

    Во Градската општа болница „8 Септември“ до денес има хоспитализирано 50 пациенти. Од нив десет се на респираторна машина.

    Се очекува со отворањето на монтажната болница да се намали притисокот од КОВИД пациенти на болницата „8 Септември“ и таа постепено да почне да се враќа кон нормалното функционирање.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира