Средбата меѓу лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вила „Водно“ кај претседателот Стево Пендаровски вечерва заврши без договор кога и како да се одржат парламентарни избори. Како што соопшти кабинетот на Пендаровски по двочасовната средба, двајцата ги претставиле своите аргументи за изборниот процес во прилог на позициите што ги застапуваат, но датум за предвремени парламентарни избори, не е постигнат денеска.
Заев и Мицкоски се договориле да ја продолжат комуникацијата меѓу себе.
Неофицијално, Пендаровски како домаќин бил кратко со двајцата партиски лидери и не се мешал во нивниот разговор. Ја напуштил просторијата кај што разговарале двајцата и ги оставил сами да си најдат решение и да усогласат датум за избори.
Позицијата на Заев е изборите да се одржат на 8 јули (среда), да има два дена да гласаат болните и лицата во изолација, а Мицкоски нема прецизен став кога смета дека треба да има избори. Последно што го кажа генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев вчера е дека сега нема услови да се одржат избори поради пандемијата со коронавирус и оти ако има и во септември, и тогаш ВМРО-ДПМНЕ нема да се согласи.
Претседателот Пендаровски денеска не прогласи нова вонредна состојба. Последната, 14-дневна вонредната состојба, истекува утре на полноќ.
„Избори се неопходни за да добиеме функционален, место распуштен парламент и легитимна влада, место техничка влада“, кажа Пендаровски.
С. К. ДЕЛЕВСКА