Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски и шефот на Канцеларијата за одбранбена соработка при амбасадата на САД, потполковник Ден Маједа, го посетија полигонот Криволак, каде што инженерискиот баталјон на АРМ ја реконструира патната инфраструктура и пробива нови патишта.
„Воениот полигон Криволак е одличен ресурс за нашата Армија, но тој ќе стане одличен ресурс и за НАТО алијансата. Со инвестициите што ги правиме, модернизацијата што ја планираме и со поддршка на американската армија убедена сум дека Криволак ќе биде најдобриот полигон за вежби на НАТО во Европа“, истакна министерката Шекеринска.
Командантот на инженерискиот баталјон, потполковник Томе Пеев, вели дека веќе 30 дена изработуваат нова и ја реконструираат постоечката инфраструктура на Криволак, со цел да се обезбедат систем обиколница околу периметарот на границата на полигонот и внатрешно поврзување со вкупна должина од 75 километри.
„Криволак ќе може да се види следната година, кога во нашата земја ќе се реализира еден дел од најголемата вежба во Европа ‘Дефендер‘, со учество на сојузнички армии“, рече Шекеринска.