ФИРМИТЕ ЈА ПОВЛЕКОА МЕХАНИЗАЦИЈАТА ЗА ИЗГРАДБА НА ПРУГАТА КУМАНОВО-БЕЉАКОВЦЕ, РАБОТНИЦИТЕ ДВА МЕСЕЦА БЕЗ ПЛАТА

    ФИРМИТЕ ЈА ПОВЛЕКОА МЕХАНИЗАЦИЈАТА ЗА ИЗГРАДБА НА ПРУГАТА КУМАНОВО-БЕЉАКОВЦЕ, РАБОТНИЦИТЕ ДВА МЕСЕЦА БЕЗ ПЛАТАНадлежните од Министереството за транспорт и врски и Македонски железници во изминатите две години во неколку наврати ги посетуваа градилиштата на пругата и тврдеа дека нема проблеми, прво најавуваа дека пругата ќе биде готова до крајот на 2019, а откако тоа не се случи ветуваа дека тоа ќе биде до крајот на оваа година; - Вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот Горан Сугарески на 2 март беа во увид на активностите за изградба на пругата Куманово - Бељаковце од Коридорот 8. (Фото: СДК.МК)

    Запрена е изградбата на железничката пругата Куманово – Бељаковце, дел од Коридорот 8 кон Бугарија, откако фирмите ја повлекле механизацијата и си го собрале материјалот од градилиштата во близина на Куманово и Шупли Камен. Работници тврдат дека веќе една недела ништо не се работи на терен, а тие и не знаат што да прават, бидејќи никој не ги информирал дали да доаѓаат на работа или не. Притоа, кажуваат дека немаат земено плата два месеци, а останале и без здравствено осигурување. Изведувач на градежните работи на реконструкција и рехабилитација на железничката пруга Куманово – Бељаковце е германската фирма „Вибе“, за која работат седумдесетина работници.

    „Не знаме што да правиме, сите се повлекоа само ние останавме. Од минатата недела ништо не се работи. Нам ни истекува договорот на 31 август и мора по закон да доаѓаме на работа, иако не сме земале плата два месеца, имаме 300-400 саати прекувремена работа, не сме искористиле одмор, останавме и без здравствено осигурување. Немаме кого да прашаме што да правиме, ако планираат да не отпуштат нека ни кажат да бараме друго решение, да одиме под биро за да го оствариме правото за лечење“, рече денеска работник Зоран Крстевски.

    Работниците кажуваат дека веќе три години се ангажирани на проектот за изградба на пругата, а проблемите настанале на средината на минатиот месец, кога плата за април добиле само вработените во „Вибе“, но не и оние што се ангажирани преку приватна агенција за вработување за потребите на изведувачот. Тогаш добивале ветувања дека работата ќе се среди, но таа се усложнила откако без плата за овој месец останале сите вработени, а подизведувачите почнале да си ги повлекуваат машините и си го собрале материјалот од терен. Тие додаваат дека се зборувало оти Македонски железници го раскинала договорот со „Вибе“, но не ги знаат причините.

    Од Фирмата „Вибе“ не сакаа да коментираат ниту дадат изјава зошто е прекината изградбата на пругата и работниците останале без плата, додека директорот на Македонски железници – Инфраструктура не се јавуваше на мобилниот телефон.

    Надлежните од Министереството за транспорт и врски и Македонски железници во изминатите две години во неколку наврати ги посетуваа градилиштата на пругата и тврдеа дека се оди со предвидената динамика и без никакви проблеми. Прво најавуваа дека пругата ќе биде готова до крајот на 2019, а откако тоа не се случи ветуваа дека тоа ќе биде до крајот на оваа година.

    Првата делница Куманово – Бељаковце е во должина од 30 километри и чини околу 40 милиони евра, втората траса Бељаковце- Крива Паланка 140 милиони евра, од кои 68 милиони евра се грант, третата делница Крива Паланка – граничен премин Бугарија е најскапа бидејќи поминува низ планини и изнесува 405 милиони евра, од кои 60,8 милиони евра се грант од ИПА. Целата делница од Куманово до Бугарија ќе чини над 580 милиони евра, кажаа надлежните при една од посетите на изградбата.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира