По вчерашното објавување на веста дека реката Брегалница е загадена со непозната бела течност и целата вода во реката побеле, на лице место излегол и градоначалникот на Штип Благој Бочварски и претседателот на Риболовното друштво во Штип, Никола Мицевски.
„Заедно си преставници на риболовното друштво бевме на местото каде реката е побелена и утврдивме дека згадувањето го има направено еден штипски превозник во индустриската зона во Штип. Повикав инспектори по екологија и инспектори од полицијата за да ги утврдат фактите и да преземат конкретни мерки и поднесат соодветни пријави. Калкулации не смее да има“, вели Бочварски.
Риболовното друштво досега не утврдило помор на рибата, но не ја исклучува можноста тоа да се случи затоа што последиците може траат неколку дена, сè додека загадувањето целосно не исчезне.
„Катастрофално ќе биде за живиот свет во реката ако белата течност се стврднува во шкргите па тогаш може да се случи масовен помор,“ предупредуваат рибарите кои секојдневно рекреираат покрај Брегалница.
„Земени се мостри од водата и пратени се во Институтот за сточарство и други лаборатории кои испитуваат води и нивната содржина. Засега не можеме да кажеме за каква течност се работи, но утврдивме од каде дошло загадувањето. Беа проверени сите шахти кај стопанските капацитети во ТИРЗ зоната кај Штип, која има отворен канал за атмосферски води што води до реката Брегалница“, вели Мицевски.
Една од трите фабрики во оваа зона користела хемикалии и вршела транспорт со цистерни. Првично се смета дека дошло до истекување на белата течност, но како што велат од Риболовното друштво, треба да се утврди дали поради дефект на цистерната дошло до истекување на течноста или станува збор за намера заради миење на цистерната.
Во вчерашните контроли учествувал и Државниот инспектор за животна средина, но од денеска поради тоа што е претседателка на Општинската изборна комисија, надлежноста преминала кај инспекторот од Пробиштип кој и порано како дел од Инспекторатот за животна средина бил надлежен за контрола на водите во Источна Македонија.
Граѓаните кои вчера попладне шетале по патеката покрај реката Брегалница и први го забележале белилото на водата, единствено стравуваат од можната опасност за водата за пиење, затоа тоа што загадувањето било најголемо токму на местото во чија близина се наоѓаат подземните рени бунари од кои се црпи вода за филтер станицата во Штип.
Т. ЈОВАНОВСКИ