ЈАНЕВА БАРА ИТАЛИЈАНСКИ АНТИМАФИЈАШКИ МОДЕЛ ЗА ЗАШТИТЕНИТЕ СВЕДОЦИ

    ЈАНЕВА БАРА ИТАЛИЈАНСКИ АНТИМАФИЈАШКИ МОДЕЛ ЗА ЗАШТИТЕНИТЕ СВЕДОЦИПоради изборите што треба да се одржат на 11 декември, Собранието треба да се распушти на 11 октомври, така што мала е веројатноста пратениците да имаат доволно време да ги изменат законските измени што ги бара Јанева. - Специјалната обвинителка Катица Јанева (Фото: Ѓ. Личовски)

    Специјалната обвинителка Катица Јанева, која уште на први април годинава поднесе иницијатива до Собранието за измена на Законот за заштита на сведоците, бара да се примени италијанскиот модел кој го користи тамошниот специјален јавен обвинител во антимафијашките истраги, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од собраниски извори. Според тој модел, специјалниот обвинител сам одлучува кој сведок ќе биде ставен под програма за заштита и никој друг од обвинителството не го знае името, презимето и останатите лични податоци на заштитениот сведок.

    Според нашите извори, Јанева во иницијативата до Собранието ја побарала само оваа измена. Таа побарала во случаите што ги води СЈО, само таа да одлучи кој од сведоците ќе го стави под заштита.

    Јанева вчера уште еднаш апелираше Собранието да ги донесе измените за кои таа веќе даде иницијатива и кажа што му треба на СЈО за автономно и непречено водење на истрагите.

    Според Законот што сега се применува, сведок може да биде ставен под заштита на предлог на јавен обвинител, а потоа за тој предлог треба да се состане комисија и таа, а не обвинителот, да одлучи дали предлогот е основан. Членови на комисијата се: претставник од Врховниот суд од редот на судиите, претставник од Јавното обвинителство на РМ од редот на замениците јавни обвинители, директорот на Управата за извршување на санкции и двајца претставници од МВР, вкупно пет члена.

    Досега, СЈО нема кажано ниедно име на сведок на овие и на кои било други институции, и воопшто на јавноста, од безбедносни причини. Според тоа, велат во МВР, нема ни поднесено барање за заштита на сведок од бројните постапки што ги има почнато, а кои се во врска со наодите за тежок криминал во власта, снимен во прислушуваните разговори.

    Според иницијативата на Јанева, сѐ друго во актуелниот Закон останува исто. Програмата за заштита ја води посебно одделение во МВР, кое ја презема заштитата на животот, здравјето, слободата, физичкиот интегритет и имотот на лицата вклучени во програмата.

    Таа и вчера апелираше Собранието да ги донесе измените на Законот за заштита на сведоци кои ги поднела како Специјален јавен обвинител уште на 1 април пред аболицијата на претседателот Иванов, но во Собранието, дури ни пратениците од опозицијата до сега немаат преземено ништо оваа иницијатива да ја преточат во закон. Јанева ги бара овие измени за, како што рече „да влезе ова јавно обвинителство во сржта на предметите за Мартин Нешковски, Монструм и Сопот“,

    Поради изборите што треба да се одржат на 11 декември, Собранието треба да се распушти на 11 октомври, така што мала е веројатноста пратениците да имаат доволно време да ги изменат законските измени што Јанева ги бара според антимафијашкиот модел од Италија.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира