ТОЗИЈА БАРА ИЗВИНУВАЊЕ ОД „ТРАНСПАРЕНСИ ИНТЕРНЕШНЛ“, ЗА ПРИЈАВАТА ДО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ПРЕДВРЕМЕНАТА ИСПЛАТА НА ФИЛМАЏИИТЕ БЕЗ БАНКАРСКИ ГАРАНЦИИ

    ТОЗИЈА БАРА ИЗВИНУВАЊЕ ОД „ТРАНСПАРЕНСИ ИНТЕРНЕШНЛ“, ЗА ПРИЈАВАТА ДО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ПРЕДВРЕМЕНАТА ИСПЛАТА НА ФИЛМАЏИИТЕ БЕЗ БАНКАРСКИ ГАРАНЦИИДиректорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија и претседателот на Управниот одбор Александар Касапинов на прес-конференција на 24 јуни, на која Тозија кажа дека предвремената исплата на сите одобрени филмски проекти од Агенцијата е извршена без банкарска гаранција, оти во договорите нив имало член за виша сила кој е активиран. (Фото: Агенција за филм)

    Директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија бара извинување од „Транспаренси интернешнел Македонија“, како што велат од Агенцијата, „за изнесените невистинити информации со кои се нарушува честа и угледот на директорот“.

    „Транспаренси интернешнел Македонија“ во понеделникот до Основното јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против вршителот на должност директор на Агенцијата за филм за незаконските исплати од Агенцијата, врз основа на новинарски извешати, меѓу кои и на Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Антикорупциската комисија веќе има отворено предмет за истрага на предвремената исплата на сите одобрени филмски проекти од Агенцијата. Предметот ја испитува законитоста на ургентното исплаќање на сите филмски проекти од страна на Агенцијата за филм во март на почетокот на коронакризата.

    Директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија на прес-конференција на 24 јуни кажа дека предвремената исплата на сите одобрени филмски проекти од Агенцијата е извршена без банкарска гаранција, оти во договорите нив имало член за виша сила кој е активиран.

    Во однос на исплатените средства за 27-те проекти во вкупна вредност од околу 35 милиони денари, Тозија кажа дека сите овие филмови се завршени со снимање и останува мал дел околу монтажата, поради што вели, нема потреба од банковна гаранција, а во случајов е активиран и членот од договорите каде како причина за тоа е наведена виша сила.

    „Ако филмот е 95 проценти завршен не може да го оптоварувате продуцентот во ваква ситуација да ви носи банковна гаранција. Потпишани се изјави од продуцентите да ги завршат сите обврски, а парите се дадени не за продуцентите, туку за слободните филмски работници, кои се во моментов најзагрозени тие да бидат исплатени. Ова беше еден вид на виша сила, не требаат банковни гаранции, документации ситни малечки, административно да кажам беше преоптеретен тој дел и се надевам дека со новиот закон ќе ги решиме тие работи. Јас се повикав на тој член, консултирав правници и од сите страни беше кажано дека тој член може да се примени. Пак ќе кажам, тоа е за завршени филмови. Јас не гледам тука грешка, ако сум згрешил со задоволство ќе станам и ќе одговарам“, рече Тозија на прес-конференцијата на 24 јуни.

    Во денешното соопштение од Агенцијата, велат дека тврдењето на „Транспаренси“ дека е целосно невистинито, како и дека е објавено и спротивно на закон.

    „Никогаш не сум интервенирал во договорите кои се склучени со Агенцијата за филм, не сум вршел промена на текстот на договорите и никогаш не сум вршел исплати на средства надвор од договорите, а договорите екогаш биле склучувани во потребната форма. Воедно, никогаш не сум одобрил исплаќање на средства без банкарски гаранции, како што се наведува во соопштението“, вели Тозија во денешната реакција.

    Агенцијата за филм смета дека „Транспаренси интернешнел“ нема право по закон да постапува „по некаков ‘допрен глас’ притоа, изнесувајќи во јавноста непотврдени и непроверени тврдења, без да ја контактира Агенцијата за филм и Горјан Тозија, како в. д. директор, и да се става во улога на орган на прогон“. Агенцијата во соопштението апелира дека надлежните органи би требало да проверат дали „Транспаренси интернешнел“ , „криејќи се позади наводната грижа за општо добро во суштина ги протежира и штити интересите на определени поединци кои имаат и те каков интерес да се наштети на Тозија и на дел од филмските работници?“.

    Кривичната пријава е поднесена против Тозија од „Транспаренси“ за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба, казниво по член 353 став 1 и 5 од Кривичниот законик, а во врска со член 34 од Законот за филмската дејност.

    „Имено, согласно член 34 од Законот за филмската дејност, продуцентите избрани на конкурс на Агенцијата, се стекнуваат со право да склучат договор со Агенцијата доколку достават договори со други продуценти, правни и физички лица со кои потврдуват дека ги обезбедиле во целост средствата предвидени во буџетот за реализација на филмскиот проект и банкарска гаранција во висина од 25% од износот на средствата кои се обезбедени од Агенцијата. Во Законот за филмска дејност строго е предвидена структурата на Договор, а во овој случај пријавениот го изменил текстот на договорот, со што постапил спротивно на законот и на тој начин ја злоупотребил својата службена положба и овластување. Имено, членот 8 од Договорот во никој случај не е и не може да биде основ директорот да додели средства за нова фаза од реализација на проектот без банкарска гаранција. Тој регулира затекната состојба, во која средствата за одредена фаза од реализацијата на проектот се веќе доделени и е приложена банкарска гаранција, и тоа е сторено пред да настане некој настан кој претставува виша сила или некој вонреден настан. На овој начин, со работа спротивна на Законот за филмската дејност и склучените договори, директорот на Агенцијата за филм доделил средства за финансирање на повеќе од 30 филсмки проекти во износ од 50 милиони денари, средства кои се обезбедени во Буџетот на Северна Македонија. Со преведувањето на средствата, без да биде приложена банкарска гаранција, директорот на Агенцијата за филм не ги заштитил средствата на Агенцијата, кои се буџетски средства и со тоа го оштетил Буџетот на Република Северна Македонија“,  сооопшти „Транспаренси“ во понеделникот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира