Возач на автобус во Франција почина пет дена откако бил нападнат од патници кои одбиле да носат заштитна маска, објави неговото семејство. Педесет и деветгодишниот Филип Монгијо останал во кома по нападот во југозападниот град Бајоне во неделата.
„Одлучивме да го исклучиме од апарати и лекарите се согласија со нас“, изјави неговата ќерка Мари.
Двајца мажи во 20-ти години се уапсени и обвинети за обид за убиство, а уште двајца се обвинети што не му помогнале на лице во опасност. Монгијо побарал од тројца од нив да стават маска пред да влезат во автобус. Заштитните маски се задолжителни во јавниот превоз во Франција.
Градоначалникот на Бајоне го опиша нападот врз Монгијо како варварски чин, додека илјадници луѓе излегоа на мирен протестен марш низ градот.