Серија злоупотреби врз правата на работниците во текстилната индрустрија во Штип се случија со избивањето на пандемијата со коронавирус, а во првиот бран работните места ги губат младите мајки кои мора да седат дома и да ги чуваат своите мали деца, бидејќи градинките и училиштата не работат. Владината мерка што им ја даде оваа можност оние мајки што ја користат скапо ги чинеше, со родова дискриминација врз нив.
Млада работничка, мајка на 3 мали деца, до Здружението на текстилни, кожарски и чевларски работници „Гласен текстилец“ поднела претставка дека газдата на конфекцијата во која работи првин од неа сакал да се отараси, уште на почетокот на епидемијата. Жената ги користела владините мерки за ослободување од работа на еден родител за чување на деца до 10 години.
Работничката имала договор на определено време, кој ѝ завршувал на 27 март 2020, но сопственикот на конфекцијата ја одјавил самоиницијативно 10 дена порано. Таа не молчела, случајот веднаш го пријавила кај локалниот Инспекторат на Трудовата инспекција во градот. Инспекторот го укинува тој отказ, ја враќа работничката во работен однос.
Меѓутоа, работодавачот на избрканата работничка што трудовиот инспектор ја враќа на работа, ѝ праќа дома анекс на договор. Става на анексот печат, но не се потпишува. Со анексот без потпис, го продолжува договорот за работа од 26 март до 26 јуни 2020.
„Работничката (чие име нема да го спомнуваме, како ни идентитетот на газдата на конфекцијата), требало да оди до фирмата, да им го врати анексот, да ги натера да се потпишат и да ѝ дадат нејзе примерок. Таа е една од најдобрите и најпродуктивните работнички, но со ваквиот однос на работодавецот, таа беше скршена. Се откажа. Вели, ако решиле, еве нека ме изгубат. Место да оди во фирмата и да бара потпис на анексот, таа останува дома, бидејќи и објективно, нема децата кој да ѝ ги чува. Инспекторот останува немоќен. Газдата ја ‘враќа’ само еден месец на работа и потоа ја исплаќа со отпремнина. Договорот за работа за преостанатите два месеца ѝ го прекинуваат засекогаш, највредната работничка завршува пред Биро за невработени. Сега таа не ни може да бара работа, има три мали деца, градинките не работат“, зборува во нејзино име Кристина Ампева, претседателка на „Гласен текстилец“.
Ампева вели дека работничката практично се откажала во борбата со нејзиниот работодавач, изгубила желба кога видела таков нехуман однос кај овие луѓе кои сакаат да се ослободат првин од мајките на мали деца на кои државата им дала можност да отсуствуваат од работа и да ги чуваат дури не помине кризата со коронавирус.
Ампева жали што сега, кога конечно трудовите инспектори застанаа на страната на обесправените текстилни и кожарски работници, оваа конфекциска работничка не била во можност и немала сила да трча по институции и да му ја растури шемата на работодавачот за незаконско бркање од работа.
Во име на анонимна текстилна работничка од друг град, Ампева истакнува родова дискриминација и во случај кога постои договор за работа на неопределено работно време, познат како договор за постојано, кој важи за сигурен работен статус.
„Пак се работи за работничка-мајка, која во една од бројните фирми-ќерки што ги отворил газдата на текстилната конфекција, работи неколку години. Во овој случај, работодавачот сам си го потпишал спогодбениот отказ ‘со неа’. Првин ја префрла во друга фирма-ќерка на определено време од еден месец. Работниот однос таму ѝ завршува во април. Оваа работничка ги користи владините мерки за чување деца до 10 години во пандемија на коронавирус и не знае што ѝ се случува. Отказот ѝ стигнува дома. Работа во моментов таа сè уште не може да бара“, кажува Ампева и за оваа претставка на конфекционерка од внатрешноста на земјава.
Повеќе за овој случај, во кој се вклучиле и други државни органи покрај Трудовата инспекција, Ампева не сака да открива.
Сопствениците на конфекциите одат и со други варијации за зачувување на капиталот во услови на намалено производство, намален број на нарачки и извоз, но пак преку дискриминација на тие што користат мерки во пандемијата.
Мајка на мали деца, штипјанка, седи дома со мерките за заштита од ковид-19, зема намалена плата. Се јавила во „Гласен текстилец“, оттаму ѝ сугерираат да си извади М1 и М2 обрасци, да види што е проблемот.
„Кога оваа текстилна работничка од Заводот за вработување ги вади обрасците, гледа дека самоиницијативно, без да ја информира, газдата ја ставил од 8-часовно, на 5-часовно работно време, за да не ѝ дава минимална плата од 14.500 денари. Односно, за да ѝ исплаќа помала сума од минималната плата од 14.500 денари, зашто таа е за 8-часовно работно време. Државата со Уредба ѝ дозволила да ги користи мерките и притоа газдата не смее да ѝ исплати помала плата од минималната. Пријави кај Трудовиот инспектор и по неговата интервенција, сопственикот на конфекцијата го коригираше нејзиното 5-часовно работно време, кое подмолно ѝ го сменил, без таа да знае“, кажува Ампева за овој случај.
Таа вели дека Трудовата инспекција никогаш повеќе не работела. Имало и други случаи во истата конфекција со тајно и еднострано намалување на работното време на вработените со цел да им се исплаќа и помало месечно примање, а на сите кои пријавиле, Инспекторатот им го вратил 8-часовното работно време.
„Трудовиот инспекторат стана наш партнер. Особено би ги истакнала инспекторите од Скопје, Штип, Битола и Делчево, кои реагираат веднаш на нашите поднесоци. Во оваа битка за заштита на правата на работниците ни помага и Хелсиншкиот комитет за човекови права и слободи. Обесправените работнички реагираат првин кај нас, повеќето анонимно. ‘Имам три деца, имам 2 деца, не ме кажувајте…’, таа е нивната молба. Затоа и случаите се завршуваат така, за имињата на обесправените работнички газдите дознаваат од трудовиот инспектор“, вели Кристина Ампева.
Додека разговаравме со неа, се најави текстилка дека ќе дојде да пријави во Здружението случај на злоупотреба на нејзините работнички права. Во меѓувреме, други пријавуваа приватни пораки на фејсбук профилот на Ампева. Таа постојано пишува јавно, ги предупредува работниците на можните злоупотреби од нивните работодавачи.
„Да не биде трудовиот инспектор не работи, не потпишувајте никакви спогодбени откази. Одбивате, толку е. После не може ни трудов инспектор ни Суд да докаже ништо, кога веќе сте потпишале“, е најновото предупредување од Ампева до работниците во текстилната и кожарската индустрија.
С. К. ДЕЛЕВСКА