1 Здружението на новинарите беше многу активно кога Љубе Бошковски пукаше на вежба и рани новинар. Беа организирани протести пред МВР под мотот “Тука сме, тепајте”. А ние новинарите свикркавме со свирчиња.
Сега, кога премиерот Владо Бучковски ги обвини новинарите што пишуваат за провизијата за пасошите дека биле поткупени нема кој да организира протест. Убаво би дошол еден протест пред Владата со мотото “Тука сме, апси не!”.
Бучковски е премиер и плус доктор по правни науки. Значи добро знае дека кога ќе обвини за корупција ќе треба тоа да го поткрепи со кривична пријава. Ако знае, а не пријавува, тогаш тој е соучесник во криминалот. А ако нема пријави, тогаш премиерот прави притисок врз слободата на информирањето.
2 Колку треба да ви платам кога ќе го подигнам новиот пасош? Еве кажете, колку евра треба да одат за СДСМ, колку за ДУИ и колку за другите помали партнери, па и за опозицијата. Повеќе ми се исплати лично да платам некому, отколку што 15 години ме држат заробен за да им ги гледам успесите додека тие се караат кој ќе ја земе провизијата.
Зошто нив ги интересира само провизијата, а не дали пасошот ќе биде квалитетен? Затоа што тие ионака патуваат со дипломатски или службени пасоши и без визи. Тие немаат проблем со своето патување. Тие имаат проблем со нас.
3 Министерот за внатрешни работи Љубомир Михајловски – Џанго отишол на службен пат во Виена. Рекоа дека е на некој Форум.
На маргините на Форумот нека ја побара и гаражата на семејството Сикима на чија што адреса треба да се слеат петте отсто од провизијата од пасошите.
4 Знаете зошто гаранцијата за квалитетот на чипот на новите пасоши е само три години? Затоа што толку време им треба на сите што наумиле да патуваат без визи, да си извадат бугарски пасоши
5 Со новиот закон, радиодифузната такса ќе ја плаќаат и фирмите. Секоја фирма ќе плаќа по една такса за МРТВ за секои 20 вработени.
Зошто да плаќаат фирмите? Затоа што луѓето во Македонија и кога работат мораат да гледаат МТВ. На пример, во големите текстилни компании шивачките додека седат на машините, фрлаат по некој поглед и на шпанските серии. Колку ли ТВ претплати ќе мора да плати плаќа ЈСП. Оти возачите додека возат низ град мора да гледаат собраниски канал. Најмногу ќе плаќа МРТВ. Тие имаат 2000 вработени и ќе си платат 100 ТВ претплати. Вршат директен пренос на Конгресот на ДУИ, самите си го гледаат и самите си го плаќаат. Тоа е концептот на самофинасирање.
Во законот има дупка. Не е предвидено колку ТВ претплати треба да плаќаат фирмите во кои се работи на смени.
Новите странски инвеститори мораат да имаат на ум уште едно даночно олеснување од државата. Ако ветат вработување за 1000 луѓе, ќе треба да платат 50 ТВ претплати. Бидејќи најголеми странски инвестиции има во супермаркетите, над секоја каса ќе има по еден телевизор. А Телеком пак ќе ја зезне државата. Ќе избрка од работа 500 луѓе. Ќе заштеди 25 претплати.
6 Никола Груевски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ е 90 отсто од опозицијата во Македонија. И дека со останатите помали партнери тие се и над 90 отсто. Веројатно мислеше на Павле, на Ѕинго….
Кога би му се придружил и Амди Бајрам од Идризово Груевски би бил 102,3 отсто.
7 Поранешната директорка на катастарот Тања Митровска која е осуедна на една година затвор за фалсификати во катастарот, меѓу нив и за Љубчовата вила на Водно, побарала да си ја откупи казната. Ќе плати 6.000 евра.
Новинарка на ВЕСТ е на суд за клевета и навреда и тужителот бара да му плати 500.000 денари, или околу 9.000 евра. Повеќе и се исплати да ја осудат на година дена затвор. Ќе плати 6.000 евра и ќе заштеди 3.000.
9 И бившиот директор на Фондот за здравство Војо Михајловски е жртва на македонското здравство и фармацевтската мафија. Знаете зошто не успеал да се отруе? Затоа што наместо да си оди во приватна аптека и да си купи седативи за пари, тој се труел на рецепт со апчиња набавени на тендер од Министерството за здравство.