ИНЦИДЕНТ НА ГРАДИЛИШТЕТО НА „БЕКО“, ИНВЕСТИТОРОТ СТОЈМЕНОВ СЕ КАРАШЕ СО ИНСПЕКТОРИТЕ ОТИ ГРАДИ БЕЗ ДОЗВОЛА

    ИНЦИДЕНТ НА ГРАДИЛИШТЕТО НА „БЕКО“, ИНВЕСТИТОРОТ СТОЈМЕНОВ СЕ КАРАШЕ СО ИНСПЕКТОРИТЕ ОТИ ГРАДИ БЕЗ ДОЗВОЛАВеќе неколку недели, работници за време на викендите изведуваат градежни работи за хотелот иако инвеститорот Борис Стојменов нема дозвола за градба од Општина Центар, бидејќи на сила е мораториумот. (Фото: СДК.МК)

    Инспектори заедно со полиција утрово интервенираа на градилиштето на ТЦЦ „Плаза“ поранешно „Беко“ во центарот на Скопје, за да ја стопираат градбата на објектот. Веќе неколку недели, работници за време на викендите изведуваат градежни работи за хотелот иако инвеститорот Борис Стојменов нема дозвола за градба од Општина Центар, бидејќи на сила е мораториумот. Откако полицијата ги запре градежните работи, на градилиштето дојде Стојменов кој се караше со инспекторите, велејќи им дека немаат право да ги стопираат работите и обвинувајќи дека Општината му барала мито од еден милион евра и затоа не му се дава да гради.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека ваквите обвинувања на Стојменов се целосно навистинити.

    „Веќе неколку пати му е издадено решение за стопирање на градежните работи, но и покрај тоа се гради. Повикувам Обвинителството да излезе на терен и да поведе постапка. Додека не се донесе новиот план Мал ринг не смее да се гради”, вели Богдановиќ.

    Граѓани кои пријавуваат во медиумите и во инспекцијата, како и околните жители, велат дека инвеститорот Борис Стојменов не ја почитува забраната за градба и во градилиштето се изведуваат градежни работи за викенд кога нема инспекција. (Фото: К. Попов)

    Граѓани кои пријавуваат во медиумите и во инспекцијата, како и околните жители, велат дека инвеститорот не ја почитува забраната за градба и во градилиштето се изведуваат градежни работи за викенд кога нема инспекција.

    Објектот на ТЦЦ „Плаза“ сопственикот го урна пред две години, бидејќи од претходното раководство на Општина Центар на чело со градоначалникот Андреј Жерновски добил дозвола за доградба и надградба на објектот. Но при почетокот на градежните работи му било кажало дека темелите на објектот нема да ја издржат надградбата, па затоа го урна објектот, со намера да го гради одново. За да гради нов објект од темел, треба да добие нова дозвола за градба. Но, бидејќи Општина Центар го воведе мораториумот за градба инвеститорот не смееше да гради и немаше добиено градежна дозвола. И покрај тоа, во мај лани почна со градежни работи, беше поставена дури и втора плоча, а беа поставени и арматури за носечките столбови. По пишувањата на САКАМДАКАЖАМ.МК, Општина Центар во јуни 2019 му достави решение за стопирање на градбата.

    Градоначалникот Богдановиќ вели дека градежна дозвола ќе добие откако ќе се донесе новиот план за Мал ринг, но инвеститорот не попушта и си гради велејќи дека има дозвола од Жерновски дадена пред мораториумот. За планот Мал ринг во тек е јавната анкета, а во средата имаше јавна презентација.

    Колкава ќе биде висината на објектот од Општината велат дека ќе се знае кога ќе се заврши изработката на новиот детален урбанистички план, но постојано уверуваат дека нема да добие поголема висина од претходната.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира