Само денеска во Центарот за јавно здравје во Штип биле земени 100 брисеви од пациенти со симптоми на коронавирус. Од земените брисеви во изминатите неколку денови денеска е објавено дека во Штип новозаразени се 13 пациенти, а останатите резултатите ќе бидат познати во текот на утрешниот ден.
Штипските здравствени власти ги загрижува податокот што веќе три недели бројката на новозаразени во Штип е двоцифрена. Вчера беа 29 со КОВИД-19, завчера 17 , а пред три недели кога се правеше скрининг на еден текстилен кластер бројката изнесуваше 60 новозаболени.
И со денешниот број од 13 позитивни на коронавирус Штип е со најголема стапка во однос на бројот на жители, независно што во Центарот за јавно Здравје во Штип тестираат и пациенти од другите градови.
„Свети Николе е под Центарот за јавно здравје во Велес, но ние сите пациенти кои имаат упат од матичен од овој град за тестирање во штипскиот Центар не ги враќаме. Хумано е, и знаеме во каква мака се заболените и нивните семејства па затоа ги тестираме кај нас“, вели раководителот на Центарот за јавно здравје, епидемиологот Марија Димитрова.
Таа додава дека сакаат да излезат во пресрет на сите и прават, како што вели, напори да се тестираат сите што доаѓаат. Според нејзините зборови, од Свети Николе речиси секојдневно има по десетина пациенти кои бараат тестирање. Таа, кажува дека објективно со тоа се намалува можноста да бидат тестирани повеќе пациенти од Штип и овој проблем бил кажан на повисоко ниво.
Некои од тестираните единствено апелираат нивните тестови што се праќаат за Скопје да бидат решени за кратко време, а не по неколку дена да се чекаат резултати и цели недели заболените или асимптоматичните да бидат во неизвесност и во исчекување што им создава нова психолошка драма во животот.
Т. ЈОВАНОВСКИ