Намален е бројот на новозаболени и починати лица од ковид-19, а зголемен е бројот на оздравени лица за периодот од 20 до 26 јули 2020, во однос на претходната недела, стои во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје. Во периодот 20-26 јули регистрирани се 654 оздравени лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 109 лица или 20% повеќе од претходната недела на известување (13 – 19 јули).
Во периодот 20 до 26 јули, регистрирани се 32 смртни случаи, што е 12 смртни случаи помалку од претходниот период. Најголем дел од случаите се лица над 60 години, 84,4%. Од случаите, 29 се починати во болнички услови, а 3 вон болнички. Кај 26 од смртните случаи (81,3%) регистрирани се претходни коморбидитети.
Во дадениот период направени се 9.563 тестирања (1.402 повеќе од периодот 13–19 јули) и регистрирани се 956 позитивни случаи на ковид-19 што е за 82 случаи помалку од претходната недела. Во периодот на известување 10% од тестирaните се позитивни на ковид-19.
Новозаболени се регистрирани во 29 града при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (37,3% – благо намалување во однос на претходната недела) и во Штип (16,1% благо зголемување во однос на претходната недела). Во 17 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.
Во однос на старосната структура на новозаболените во овој период најголем процент се лица помеѓу 50–59 години 22,3%, а поголем број на заболени се регистрира и кај лицата помеѓу 40-49 и над 60 години – 19,6% во двете групи. Најмал број на новозаболени има кај децата и тоа 0-9 години – 2,6%, и од 10-19 години – 4,7% од вкупниот број на новозаболени.
Од случаите кои се епидемиолошки истражени, хоспитализирани се 127 лица или 14,2%, а кај 279 лица или кај 31,3% регистрирано е присуство на коморбидитети.
Од вкупниот број на епидемиолошки истражените новозаболени, 44,4% имале контакт со потврден случај на ковид-19, а 21 лице (9 повеќе од претходната недела) имале историја за патување во странство во минатите 14 дена.
Б. НЕСТОРОСКА