Угледната меѓународна организација Репортери без граници (РСФ) ги осуди заканите за кривични пријави против редакциите САКАМДАКАЖАМ.МК, РАДИОМОФ.МК и МКД.МК од страна на Агенцијата за филм, и истакна дека мора да престанат државните функционери со „такво апсурдно заплашување кон медиумите“.
„РСФ ги осудува заканите на Агенцијата за филм за кривични пријави против САКАМДАКАЖАМ.МК, РАДИОМОФ.МК И МКД.МК за извештаите за корупција во државната институција потврдени и со официјална истрага. Државните функционери мора да престанат со такво апсурдно заплашување на медиумите!“, се вели во денешната реакција на Репортери без граници објавена на Твитер.
Репортери без граници, со седиште во Париз, го изготвува Светскиот индекс за слободата на медиумите, според кој Македонија годинава е на 92 место и за разлика од лани скокна 3 места. И во годинешниот извештај беше забележано дека во земјава има тенденција високи функционери да се закануваат на новинари, но и дека има неказнивост за тоа.
„За жал, високи владини функционери имаат вкоренета тенденција да им се закануваат и да ги навредуваат новинарите. Културата на неказнивост е втемелена и сè уште е пречка за безбедноста на новинарите. Бројот на физички напади врз новинарите е намален, но сепак има зголемен број сајбер-закани и вербални напади“, вели РСФ во делот за Македонија во годинешниот извештај.
Агенцијата за филм, чиј директор, и претседател и членови на Управниот одбор ги именува Владата, се заканува со кривични пријави во врска со истражувачките новинарски текстови за неправилностите во работата на оваа државна институција, кои се предмет и на истрага на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Поради утврдените прекршувања на законот, ДКСК на прес-конфереција на 23 јули 2020 објави и дека до Владата поднела иницијатива за утврдување на одговорност на в. д. директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија.
Вчера, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), повторно ја осуди непримерната јавна комуникација на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија која на сличен начин како и пред 20 дена, преку непотпишано соопштение објавено на 27 јули, јавно се пресметува со онајлн медиумите САКАМДАКАЖАМ.МК, МКД.МК И РАДИОМОФ.МК.
„Јавна закана со кривичен прогон особено од институција која се финансира пред се од јавниот буџет, претставува сериозна форма на притисок кон новинари и медиуми која служи истите да ги дискредитира но и да се одвратат да се бават со теми кои се од делокругот на работата на Агенцијата“, вели ЗНМ и додава дека лошата пракса која ја има Агенцијата за филм во начинот на комуникација со новинарите нема да се подобри ако јавно им се закануваат со кривични тужби за нивни претходни објави.
Со оглед дека станува збор за државна институција чиe раководство го именува Владата, САКАМДАКАЖАМ.МК и другите две нападнати редакции побараа Владата да постапи и да ја утврди одговорноста за злоупотребата на нејзините ресурси заради закани кон медиумите. Од Владата нема реакција.