ДЕЦАТА МОРА ДА СЕ ВРАТАТ ВО УЧИЛИШТЕ ОТИ ЌЕ СЕ УНАЗАДАТ, АПЕЛИРА УНИЦЕФ, МНОЗИНСТВОТО РОДИТЕЛИ И НАСТАВНИЦИ СЕ ЗА ОТВОРАЊЕ НА ШКОЛИТЕ

    ДЕЦАТА МОРА ДА СЕ ВРАТАТ ВО УЧИЛИШТЕ ОТИ ЌЕ СЕ УНАЗАДАТ, АПЕЛИРА УНИЦЕФ, МНОЗИНСТВОТО РОДИТЕЛИ И НАСТАВНИЦИ СЕ ЗА ОТВОРАЊЕ НА ШКОЛИТЕМнозинството анкетирани директори на училишта, наставници и родители се за повторно отворање на училиштата со настава во училница или комбиниран модел на настава во училница и на далечина. (Фото: К. Попов)

    Од 10 илјади испитаници, 210 директори на училишта, 6.400 наставници и 3.400 родители, речиси 59 проценти од анкетираните директори, 58 проценти од анкетираните наставници во основното и 48 проценти од анкетираните наставници во средното образование и 46 проценти од анкетираните родители сметаат дека наставата треба да продолжи во училница во согласност со протоколите, покажа истражувањето „Искуства и ставови за учењето на далечина за време на пандемијата на ковид-19“. На истражувањето базирано на онлајн анкета, во јуни и јули работеа Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ, Британската амбасада во Скопје и партнерот „Реактор – Истражување во акција“.

    Заклучокот е дека мнозинството анкетирани директори на училишта, наставници и родители се за повторно отворање на училиштата со настава во училница или комбиниран модел на настава во училница и учење на далечина.

    Триесет и шест проценти од директорите, 33 проценти од наставниците во основното и 38 проценти од наставниците во средното образование и 35 проценти од родителите поддржуваат комбиниран модел на настава во училница и на далечина. Само 6 проценти од директорите, 14 проценти од наставниците од средните училишта и 10 проценти од основните училишта сакаат да продолжи наставата на далечина. Меѓу анкетираните родители 19 проценти се изјасниле за продолжување на наставата на далечина.

    „Иако и досега на различни начини, посредно и непосредно добивавме сознанија за искуствата на засегнатите чинители во целиот овој процес, сепак, ова истражување е најрелевантно и добиените резултати најдобро ги сумираат искуствата на поединците во улога на директори на училишта, наставници и родители“, рече министерот за образование и наука Арбр Адеми.

    Училиштата во земјава беа затворени на 10 март, и изминатиов период МОН најавуваше дека се работи на протоколите и планот како да се одвива наставата од 1 септември. Адеми на новинарско прашање дали може да се каже дека наставата ќе почне како и секоја година на 1 септември, одговори: „ Да не прејудицираме засега, можам само да кажам дека во Кризниот штаб на Владата има позитивно мислење дека учениците треба да се вратат во училиштата на 1 септемрви“.

    Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани рече дека има сѐ повеќе докази за негативното влијание од затворените училишта, со долгорочни последици врз учењето на децата, безбедноста, здравјето и благосостојбата.

    „Доколку отворањето на училиштата не ни е приоритет, ќе забележиме назадување во образовните придобивки стекнати во последните години. Најдобрите интереси на децата мора да бидат централни при носењето одлуки за тоа кога и како училиштата повторно ќе се отворат“, рече таа.

    Првичните резултати од истражувањето на тема „Искуства и ставови за учењето на далечина за време на пандемијата на КОВИД-19“ потенцираат дека:

    • Над половина од анкетираните наставници, 54 проценти, забележаа зголемување на бројот на ученици кои имаа тешкотии или не успеваат да го усвојат тоа што им беше предавано.
    • Мнозинството наставници, 77 проценти, во некој момент за време на учењето на далечина не можеле да стапат во контакт со некои од нивните ученици.
    • Иако сите наставници имале некаков пристап до интернет и компјутерска опрема, значителен дел, 42 проценти, делеле компјутер или лаптоп со други членови на семејството, 18 проценти користеле застарени компјутери и 5 проценти користеле мобилни телефони или таблети, околу 42 проценти имале ограничен или немале постојан пристап на интернет.
    • Мнозинството наставници изјавија дека им е потребна обука и дополнителна поддршка за да го спроведат учењето на далечина забележувајќи ги следните работи како приоритетни: пристап до дигитални наставни материјали (62 проценти), компјутерска опрема (58 проценти) и дигитални учебници (56 проценти) и обука како да ги користат дигиталните платформи за да ги спроведат онлајн часовите (58 проценти) и дигитални платформи за оценување на ученците (54 проценти).
    • Мнозинството анкетирани родители имале потешкотии да ги поддржат своите деца за време на учењето на далечина – 61 процент се изјаснија дека нивните работни обврски ги спречувале да им посветат дополнително време потребно за поддршка на онлајн учењето.
    • Пристапот до интернет и до компјутерска опрема, исто така, беше пречка за некои домаќинства каде 37 проценти од родителите изјавија дека децата мора да делат лаптопи или компјутери со други членови на семејството, а други изјавија дека немаат стабилен интернет; само 5 проценти изјавија дека немаат пристап до лаптоп или компјутер.

    Истражувањето ги надополнува анализите претставени минатата недела од УНИЦЕФ и партнерите за социјалните и економските ефекти на ковид-19 врз децата во  Македонија, кои покажаа дека не сите наставници ги имаат ИКТ вештините потребни за да испланираат и спроведат учење на далечина и дека буџетот за образование е еден од оние каде што имаше кратења и покрај малото зголемување на вкупните владини трошоци со мајскиот ребаланс на буџетот.

    Според УНИЦЕФ, без амбициозни дејства во образованието и решително насочување кон најранливите деца, пандемијата на ковид-19 уште повеќе ќе ја продлабочи тековната криза во учењето со катастрофални последици за генерации на ученици, како и за економската продуктивност и социјалната кохезија.

    „Мора да дејствуваме сега, за децата да не станат скриените жртви на оваа пандемија кои ќе ги сносат долгорочните последици на кризата и ќе ги пренесат негативните ефекти од пандемијата на следната генерација“ кажа Ди Џовани.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира