ДЕЦАТА СЕ ЗДЕБЕЛИЈА И ФРУСТРИРАА ОД СЕДЕЊЕ ДОМА, РАСТ НА ДЕТСКА СИРОМАШТИЈА И ДОМАШНО НАСИЛСТВО ПОРАДИ КОРОНАКРИЗАТА, СТОИ ВО АНАЛИЗАТА НА УНИЦЕФ ЗА ЗЕМЈАВА

    ДЕЦАТА СЕ ЗДЕБЕЛИЈА И ФРУСТРИРАА ОД СЕДЕЊЕ ДОМА, РАСТ НА ДЕТСКА СИРОМАШТИЈА И ДОМАШНО НАСИЛСТВО ПОРАДИ КОРОНАКРИЗАТА, СТОИ ВО АНАЛИЗАТА НА УНИЦЕФ ЗА ЗЕМЈАВАЕкпертите заклучиле дека се препорачува на сите деца да им се овозможи продолжување на образовниот процес со тоа што со мерките што ќе се преземат во здравството и образованието ќе се земе предвид долгорочното влијание на прекинатото учење; - Девојче трча низ фонтаната на Плоштадот Македонија во Скопје. (Фото: К. Попов)

    За 4 отсто е зголемена детската сиромаштија, зачестена е појава на дебелина кај децата и фрустрација поради седење дома, несоодветно подготвен наставен материјал, децата биле 10 отсто жртви во домашно насилство кое било зголемено за време на забраните на движење и полициските часови поради ковид-19 и застој во пристапот до болничка нега на новороденчињата, децата и мајките, главно поради помалата побарувачка од неургентни услуги поради страв од зараза, а не поради намалена понуда на услуги, се дел од забелешките во анализата на истражувачите во студијата „Социјалните и економски ефекти од КОВИД-19 врз децата во Северна Македонија“ што денеска ја презентираа УНИЦЕФ во партнерство со „Фајнанс Тинк“ и УСАИД.

    „Иако се чини дека, во споредба со возрасните, децата и младите имаат помала веројатност да се разболат од вирусот, пандемијата на ковид-19 има огромно влијание на начинот на кој тие учат, на начинот на кој нивните семејства заработуваат за да ги задоволат потребите и на тоа колку се чувствуваат сигурни во домовите и заедниците/средината во која живеат,“ изјави Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ, додавајќи дека потребни се насочени мерки за децата да не станат невидливи жртви кои ќе го носат на грб најголемиот дел од долгорочното влијание на кризата.

    Според независната консултантка Маја Парнарџиева-Змејкова, истражувањата покажаа дека неспортувањето, недвижењето влијаеа на дебелината на децата, но секако и на социјално-когнитивниот развој. Забележано е дека со неодењето на училиште и остуството на комуникација, кај децата се губи чувството за контакт, расте стравот, депресијата, сетоа тоа зголемеено со анксиозноста на родителите од неизвесноста на ситуацијата.

    Извештаите откриваат исцрпеност меѓу згрижувачките родители, како и случаи на врсничко насилство меѓу згрижените деца.

    „Ковид-19 ја засили детската сиромаштија во Северна Македонија. Многу извесно е дека пандемијата втурна дополнителни 16.000 деца под прагот на сиромаштијата. Ова е еднакво на зголемување на стапката на детска сиромаштија од сегашните 29,3 проценти на 33,3 проценти, стапка што не е забележана во земјата откако се спроведува Анкетата за приходи и услови за живеење. Ефектот од зголемување на сиромаштијата како последица од ковид-19 е најсилен кај децата кои живеат во домаќинства со 3 или повеќе деца и каде возрасните членови на семејството имаат ниско ниво на завршено образование“, рече Марјан Петрески од „Фајненс тинк“.

    Во анализата стои и дека иако образовниот систем се префрли на учење на далечина непосредно по затворањето на училиштата и градинките заради пандемијата, се увиде дека не сите наставници имаат доволно познавање од информатичката и комуникациската технологија за да планираат и спроведат учење од далечина.

    „Сепак, спроведувањето на овој процес беше препуштено на самите училишта и наставници, без унифицирање на користените алатки и методи, што создаде нееднакви можности за учење кај децата. Пропустите во учењето може да бидат најголеми кај деца од сиромашни домаќинства, деца Роми и деца со посебни потреби. Тие се соочија со недоволен пристап до образование, недостиг од квалитетна родителска поддршка и од училишна поддршка, покрај недоволните ресурси на многу училишта во областите каде претежно живеат овие деца.  Наставниот персонал не е соодветно подготвен за далечинско/дигитално учење, и покрај селективните и индивидуалните напори кои создадоа брзи придобивки“, рече Петрески.

    Иако наставниците треба да користат ИКТ во процесот на предавање и учење и во училница, пандемијата откри дека ИКТ вештините на наставниците поврзани со планирање, имплементација на учење од далечина и оценување се недоволни за воведување учење на далечина. Ова ја засили потребата, вели тој за брза инвестиција во вакви вештини кај наставниот кадар.

    „Од суштинско значење е да го разбереме влијанието на ковид-19 врз младите за да може заедно да најдеме најдобар начин за намалување на последиците,“ рече амбасадорката на САД во Северна Македонија Кејт Мари Брнз.

    Анализата покажува дека иако немаше прекин во рутинските здравствени услуги, се забележа застој во пристапот до болничка нега на новороденчињата, децата и мајките, главно поради помалата побарувачка од неургентни услуги поради страв од зараза, а не поради намалена понуда на услуги.

    Екпертите заклучиле дека се препорачува прво, на сите деца треба да им се овозможи продолжување на образовниот процес со тоа што со мерките што ќе се преземат во здравството и образованието ќе се земе предвид долгорочното влијание на прекинатото учење, со осмислување план со кој од септември 2020 година ќе се обезбеди сите деца да учат на училиште или да имаат на располагање унифициран пристап за учење од далечина, или комбиниран пристап за учење од далечина и во училница.

    Во препораките стои и:

    • Да се поддржат семејствата да ги задоволат потребите и да обезбедат нега за децата со тоа што ќе продолжат да се спроведуваат мерки за социјална заштита, како што се паричните права и поддршката за храна и исхрана кои се насочени конкретно на најзагрозените деца, на пример на домаќинствата со три и повеќе деца.
    • Да се заштитат децата и жените од насилство, експлоатација и злоупотреба со тоа што ќе се сведат на минимум пречките во работата на Центрите за социјална работа и другите суштински заштитни служби, бидејќи со кризата уште повеќе излезе на виделина постојниот јаз меѓу помалку и повеќе ранливите домаќинства.
    • Да се одржи здравјето и да се обезбедува добрата исхрана на децата и бремените жени со тоа што ќе се сведат на минимум пречките во работата на рутинската здравствена нега, со воведување дополнителни мерки за да се зајакне довербата во јавноста и побарувачката на услуги, меѓу кои и поддршката за одржување ментално здравје.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира