ПИНОЧЕ И ПИКОЛОМИНИ

Зошто оваа власт толку панично се срами од фактот дека Македонија се борела против фашизмот?

    ПИНОЧЕ И ПИКОЛОМИНИ

    1 Не можам да ја сфатам оваа омраза на актуелната власт против сопственото сеќавање. Откако ги сменија единствените фасади што го преживеаја земјотресот во Скопје во 1963 година и се единствениот остаток од македонската архитектонска модерна, сега со сила ги менуваат и улиците кои се симбол на Скопје како град на светската солидарност.
    Зошто им пречеше Мексичка улица? Се уште се во бодри години скопјаните кои се сеќаваат дека оваа улица е именувана во чест на Ева Самано, сопругата на мексиканскиот претседател Лопес Матеус, која по земјотресот во неколку наврати лично дошла во Скопје и со вагони носела тони облека како помош. Скопјаните потоа со години низ Југославија ги препознавале по мексиканските алишта.
    Ај што им пречи Ева Самано. Но зошто им пречи Стив Наумов? Зошто им пречи Мито Хаџивасилев Јасмин? Зашто биле комунисти? Или зашто биле антифашисти? Затоа ли им пречи улицата Ленинградска? Не знаат дека таа не е именувана по Ленин? Туку е именувана по градот Ленинград кој е светски симбол на антифашистичкиот отпор.
    Впрочем, зошто толку панично се срамат од фактот дека Македонија се борела против фашизмот? Се плашат да не им се налутат Бугарите? Или од балистите се исплашија? Затоа ли ги плукаат гробовите на сопствените баби и дедовци? На тие што се бореле против фашизмот најголемото зло на 20 век.
    2 А тој мајтап што го прават со Павел Шатев само за инает на Бранко Црвенковски е рамно на самозаборав. Единствениот преживеан гемиџија, учесникот на АСНОМ и првиот македонски министер за правосудство, кого комунистите во 1948 година го осудиле и го протерале во домашен притвор во Битола и кога умрел го закопале без присуство на семејстото, доби улица долга 20 метри којашто е ќорсокак. Зошто? За инает на СДСМ. Само затоа што на таа улица било нивното седиште. Сигурно слатко си се смееле во ВМРО-ДПМНЕ кога им текнало дека така можат да го зезнат Бранко. Таков штос ни на мангупот Бранко не би му текнал.
    Да не споменувам дека патриотите заборавиле оти и Бихаќ има значење за создавањето на Република Македонија.
    И чилеанскиот левичар Салвадор Алјенде ќе биде заменет со помалку контроверзниот Тодор Александров. Иако, што е за право, посоодветно ќе беше таа улица да се преименува во Генерал Аугусто Пиноче.
    Само ме чуди како Пиколомини не доби улица во Скопје. Тој не е контроверзен. Само еднаш го запалил градот.
    3 Прометеј добро помина. Тој барем доби пелена и не го тргнаа. Ама билбордот со уметничкото дело што беше квази реклама за средство за чистење, со слика од исчистените фрески од скопската црква Свети Димитрија, беше симнат по само еден ден.
    Овој пат покровител на уметничкото дело беше Град Скопје. Ама исто како загрижените жени од Општина Центар на кои наводно им пречеше голиот Прометеј, сега кај Коце Трајановски божем се јавиле загрижени верници.
    Уметниците не само што не ги повлекоа своите дела од фестивалот каде што беше изложено цензурираното дело, туку мислат дека доволно се побуниле ако кликнале “лајк” на Фејсбук. Исто како скулпторот кој си го облече Прометеј и не кажа кој му наредил да си го цензурира делото.
    А во Уставот и понатаму пишува дека цензурата е забранета. Дали следниот пат откако исто така неименувана загрижена група ќе побара да се укине забраната за цензура, власта експресно ќе го смени Уставот?
    4 Апсолутно се согласувам дека има неодговорни уредници и неодговорни новинари кои работат за газди што ја злоупотребуваат слободата на медиумите. Но, во случајот со договорот меѓу ЗНМ и Владата за декриминализација на клеветата тоа не е тема на муабетот. Ние не зборуваме за новинарската злоупотреба. Зборуваме за злоупотребата на тужбите од страна на власта.
    Се занимаваме со висината на казните како да е тоа најважното. А тоа е обична бакалска работа. ЗНМ и Владата како со плајвас на мрсна хартија си напишале цифри истресени од ракав. И лицитирајќи за парите никој не се занимава со прашањето зошто декриминализацијата на клеветата воопшто и дојде на дневен ред? Самиот податок дека во последните 34 години има околу 300 тужби против новинари, кажува дека политичката и бизнис елита пронајдоа монструозен инструмент за заплашување и за задушување на слободата на говорот.
    Впрочем, и самиот јавен обвинител Љупчо Шврговски минатиот декември рече дека “ние сме најмалку шестседум генерации зад западните демократии, од аспект на цивилизациско, културолошко, политичко, економско ниво” и дека “не сме подготвени да го следиме примерот на западните демократии”. Шестседум генерации сме поназад од западните демократии, а сто генерации сме понапред во злоупотреба на тужбите од политичарите и бизнис елитите поврзани со политиката.
    И сега ни раскажуваат приказни дека решението било европско. Да, европско е. Ама нас не не судат во Брисел, Стокхолм, Берлин и Париз, туку во Скопје, Битола, Штип, Охрид… Во Македонија, во која сите бизниси, вклучително и медиумскиот, зависат од милоста на владејачката коалиција, без разлика кој во моментот е на власт. Во државата во која нема ниту една странска инвестиција во медиум. Во државата во која законите важат за едни, а не важат за други. Во државата во која не се почитува Законот за слободен пристап до информации и во која ако прашаш колку пари од буџетот се потрошени за реклами, ќе ти одговорат дека тоа е државна тајна. Во државата во која Владата во исто време е и најголем клиент и најголем огласувач и најголем инвеститор.
    И ние сега треба да ги стресеме гаќите оти Филе го поддржал договорот и да го испочитуваме оти “така кажал Брисел”. А знае ли Филе дека поддржал институционално мешање на газдите во уредувачката политика? На истите газди на кои Владата, или нема да им даде реклами, или нема да работи со нив, или ќе им прати инспекции да им соберат арач да им го сотрат бизнисот, ако новинарите пишуваат против неа.
    Или локалните дипломати од канцеларијата на ЕУ во Скопје на Филе му даваат лажна слика од теренот, или Брисел му прави отстапки на Груевски за да си го покријат срамот дека не ни даваат датум за преговори со ЕУ поради Грција.
    5 Тоа што Груевски го пофали договорот не значи дека сме заборавиле оти инструментот злоупотреба на тужбите против новинари за замолчување на новинарите го измисли Бранко. Затоа и не се надевам дека ако некогаш СДСМ се врати на власт нема уште повеќе да го надградат овој инструмент за притисок што ВМРО-ДПМНЕ го усоврши. Затоа и им одговара Груевски да ја заврши оваа валкана работа со божем договор за декриминализација. Па кога на власт ќе дојдат Емилијан Станковиќ и Игор Ивановски ќе си викаме: “Е, кај е златен Мартин Протоѓер?”.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира