Градоначалникот Петре Шилегов го разреши од функцијата директорот на ЈП „Улици и патишта“ Санад Смаиловиќ. Шилегов на својот фејсбук профил попладнево објави дека го разрешил од функцијата Смаиловиќ, не давајќи дополнително образложение.
Кај Смаиловиќ во саботата во Струга, според дневниот билтен на Министерството за внатрешни работи објавен вчера, бил пронајден кокаин.
„На 15 август во 22.40 часот на улицата Владо Малески во Струга, полициски службеници од Полициската станица Струга го лишиле од слобода С. С. (33) од Скопје, затоа што при преглед кај него бил пронајден кокаин. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок“, стои во билтенот на МВР.
Смаиловиќ е кадар на СДСМ и беше назначен за директор на јавното претпријатие „Улици и патишта“ веднаш по доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов, во ноември 2017 година.
А. АНТЕВСКА