Позитивните пациенти на коронавирус се ослободуваат од двата контролни теста кои досега беа задолжителни откако го прележале вирусот, со што нема да мора да остана во изолација, кажа на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Контролен тест за евиденција нема да се прави, поради тоа што опсежните анализи укажуваат на тоа дека детектираните вируси во контролните тестови апсолутно не може да предизвикаат инфекција. За блиските контакти изолацијата ќе трае 14 дена од денот на последниот контакт со потврдениот случај.
Оваа одлука стапува во сила викендов.
„По анализите на МАНУ почнати уште во мај на 10.000 тестирања, кај пациенти кај кои што има дијагностицирано САРС ковид-2 вирус, независно од резултатот на последователното контролно тестирање, не е констатиран присутен вирус кој може да предивика зараза по 10 дена кај асимптоматските, односно по 20 дена кај пациентите што имаат симптоми. Не е констатиран присутен вирус кој може да предизвика зараза 10 дена кај првите или 20 дена кај вторите после позитивниот тест. Имајќи го предвид ова искуство на МАНУ кое е идентично со бројните испитувања и публикации во соодветните стручни часописи во литературата, препораката од Светската здравствена организација, ние предвидуваме ослободување од изолација на позитивните пациенти, без контролни тестирања“, рече Филипче.
Согласно новиот протокол, позитивниот тест на секој пациент преку лабораториите стигнува до центрите за јавно здравје и во системот Мој термин. Понатаму, се дистрибуира до матичните лекари. Тие ќе имаат обврска (што и сега ја имаат) за електронско следење на пациентите, секојдневно. Притоа, укажуваат дали пациентот има или нема симптоми и ако нема, ако е пациентот асимптоматски, десетиот ден автоматски се генерира извештај за завршеток на изолацијата, односно дваесетиот ден кај пациентите што имале симптоми.
Пациентите кои биле позитивни и оздравеле, нема да мора да седат уште толку дома изолирани додека не стасаат на ред за контролни тестови, туку ќе бидат слободни и безопасни да се движат надвор, 10 или 20 дена по нивниот позитивен тест, зависно во која од двете категории биле.
С. К. ДЕЛЕВСКА