Тривити, првиот македонски интернет пребарувач за луѓето кои бараат работа и за компаниите кои вработуваат, го отвори својот Кариерен центар и започна со првата сесија од бесплатните обуки за лицата кои останаа без работа како последица на пандемијата.
Предвидени се три различни модули наменети за невработени лица кои биле во работен однос и од скоро или долгорочно се невработени, студенти и средношколци кои размислуваат за почеток на професионална кариера, невработени лица без работно искуство и за лица кои се во работен однос и размислуваат за промена на работното место или развој во кариерата.
Првата обука е пополнета и е насочена кон лицата кои останаа без работа како последица на пандемијата.
„Нашето долго и богато професионално искуство, во кое има и ситуации кога сме останале без работа или сме кроеле планови да смениме работа, нѐ поттикна да подадеме рака и заеднички да се исправиме кон новите можности. Целта на сесиите е да ги охрабриме луѓето, да го вратиме оптимизмот и да ги споделиме нашето знаење и искуство“, вели Поликарп Арсеновски, основачот на Тривити.
Обуката е составена од шест сесии од по два часа: самоспознавање, процес на самооценување, работна етика, креирање на личен акциски план за вработување, вмрежување и култура на континуирано учење.
Кариерниот центар ги реализира своите активности низ структурирани тренинг модули за различни целни групи, а во иднина и преку менторски и тренинг сесии, консултации, вмрежување со компаниите кои вработуваат, видливост на пазарот на труд и совети.
Следната обука на Тривити Кариерен центар е закажана за крај на септември.