Отворени се сите 16 градинки во Битола и уште од првиот ден интересот кај родителите да ги згрижат нивните деца додека се на работа е огромен. Во најголемата градинка „Естреја Овадија- Мара“, под чија надлежност се девет градинки, згрижени се 459 деца.
„Од 680 запишани деца до пред затворањето на градинките, по претходно спроведена анкета родители на 516 деца потврдија дека имаат неопходност веднаш да ги сместат децата во градинки по олабавувањето на мерките, па така сега се згрижени 459 деца, има места уште за 57 по градинките во руралните средини“, рече директорката на „Естреја Овадија-Мара“ Лидија Тфирст-Митревска.
Во градинката „Мајски цвет“ под чија надлежност се седум градинки, уште првиот ден згрижени се 190 деца или половина од оние 415 кои се примени, од кои дел ја вадат потребната документација и деновиве ќе се приклучат кон воспитните групи.
„Не очекувавме толку голем интерес уште од првиот ден, а ова покажува дека интересот е голем и дека градинките се наша голема неопходност. Родителите очекуваа да се отворат вратите на градинките за да можат да се вратат на работните места и да продолжи економскиот тек на работите“, рече директорката на „Мајски цвет“ Снежана Тодоровска.
Сите градинки се дезинфицирани, а примањето деца и воспитниот процес тече според сите пропишани протоколи за заштита од ковид-19.
Ж. ЗДРАВКОВСКА