„Пат околу светот за еден век“ е насловен настанот со кој ќе се одбележат 100 години од раѓањето на писателот Славко Јаневски, закажан за в петок, 18 септември, во 20 часот во дворот на Кинотеката. Станува збор за поетско-музичко препрочитување на „Црни и жолти“ со групата ВИС „Тркалезна маса“ по повод 100 години од раѓањето на еден од основоположниците на современата македонска книжевност, а ќе биде прикажан филмот „Сонце зад решетки“ (1957), чиј автор на сценариото и режисер е Јаневски.
„ВИС Тркалезна маса“ е група настаната во рамките на четириесетмесечниот поетски маратон „Астални проекции“. Составот обединува писатели, музичари и уметници како Ана Голејшка-Џикова, Ѓоко Здравески, Владимир Лукаш, Васко Марковски, Деан Шкартов, Душан Кировски, Перо Сарџоски, Владимир Мартиновски, Ѓорѓе Јовановиќ, Круме Стефановски и Тома Димовски.
Настанот го организираат ВИС„Тркалезна маса“, Фондацијата „Славко Јаневски“ и Кинотеката, влезот е слободен, но во согласност со протоколите за спречување на ширењето на ковид-19, настанот ќе биде со ограничен број гледачи, вкупно 91 место.
Јаневски, роден во 1920, а почина во 2000, припаѓа на првата генерација македонски писатели по Втората светска војна, која ги поставила темелите на современата македонска книжевност. Неговиот роман „Село зад седумте јасени“ (1952) е првиот роман објавен на стандарден македонски јазик.
Б. НЕСТОРОСКА