Директорката на Универзитетската Клиника за гастроентерохепатологија д-р Калина Гривчева-Старделова вели дека не очекуваат драстично зголемување на бројот на новодијагностицирани тешки болести во поодмината фаза со оглед на тоа дека шест месеци не се правеа прегледи и снимања освен итни случаи на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Д-р Гривчева-Старделова за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека од почетокот на пандемијата Клиниката за гастроентерохепатологија работи согласно препораките и протоколите од Комисијата за заразни болести, Министерство за здравство, Владата, Светската здравствена организација (СЗО) и Европското гастроентеролошко здружение, „што подразбира дека со организацијата внимававме да ги заштитиме пациентите, вработениот здравствен и помошен персонал, но сето тоа да не остави последици врз здравјето на нашите пациенти“.
- Во период од 1 март, се направени ендоскопски прегледи :
– 631 гастроскопии, од кои 69 дијагностицирани малигни болести,
– 619 колоноскопии од кои дијагностицирани 104 наоди со малигна болест. - Во истиот период лани биле направени 1.252 гастроскопии , од кои и дијагностицирани 84 малигни наоди и 1.259 колоноскопии од кои 160 наоди со малигна болест.
- Во период од 1 март до 1 септември, бројот на хоспитализирани пациенти изнесува 718, додека во истиот период во 2019 , во услови кога немаше пандемија, бројот на хоспитализирани пациенти изнесувал 986.
„Овој процент на новодијагностицирани во однос на бројот направени прегледи е резултат на оваа квалитетна и прецизна селекција на пациентите според индикациите и приоритетноста, поради што не очекуваме драстично зголемување на бројот на новодијагностицирани тешки болести во поодмината фаза“, објаснува директорката.
Во моментов функционираат сите амбуланти со зголемено растојание помеѓу два прегледа поради потребата од дезинфекција на ординацијата помеѓу два пациенти.
„Во итната амбуланта на Клиниката во овој период имаше во просек 35 пациенти дневно што е повеќе во однос на истиот период во претходната година кој изнесуваше 25. Прегледите во субспецијалистичките консултативни абуланти беа одложени кај оние пациенти кај кои беше безбедно тоа да се направи, а кај другите тоа се правеше непречено онлајн или по потреба со доаѓање на пациентите во Клиниката. Пациенти на Клиниката секогаш има во континуитет“, вели директорката.
Листата на чекање на прегледи била намалена во периодот до пред 1 март, потоа работата не се прекинала. Наместо 15 интервенции, вели д-р Гривчева-Старделова беа предвидени да се работат селектирани пациенти од закажаните, според проценка на комисија од доктори, по дијагнози и симптоми.
„Дел од прегледите кои беа планирани не беа реализирани поради недоаѓање на повиканите пациенти“, рече директорката.
Б. НЕСТОРОСКА