Кучиња тренирани да го детектираат коронавирусот почнаа да душкаат патници на аеродромот во Хелсинки, во пилот проект кој се одвива паралелно со вообичаеното тестирање.
Ефикасноста на кучињата досега не е докажана во компаративни научни истражувања, па патниците во кои тие се сомневаат дека се носители на вирусот се советуваат да дадат и брис за да се потврди резултатот.
Тим од 15 кучиња и 10 инструктори беше трениран од волонтери, спонзорирани од приватна ветеринарска клиника. Меѓу нив е и Коси, спасувачко куче од Шпанија, кое порано работело на откривање рак кај луѓе.
„Она што го видовме во нашето истражување е дека кучињата можат да ја откријат болеста пет дена пред пациентите да добијат клинички симптоми. Тие се многу добри во тоа, блиску сме до постигнување стопроцентна чувствителност“, изјави Ана Хајлм-Бјеркман, професорка на Универзитетот во Хелсинки, која се специјализираше за клинички истражувања на животни-придружници.
Од аеродромот велат дека кучињата се способни да го идентификуваат коронавирусот од многу помал молекуларен примерок од ПЦР тестовите.