Лекарската комора предупредува дека индивидуалните и неаргументирани тврдења за ковид-19 на доктори и здравствени работници населението може да ги сфати сериозно, а со употребата на термини како „грешки во лекување” се нанесува директна штета на угледот на целата лекарска фела и се создава страв и недоверба кај граѓаните во здравствениот систем и здравствените работници.
Оттаму додаваат дека ваквите ставови можат да влијаат врз одлуката на пациентите да не побараат медицинска помош и со тоа директно да го загрозат своето здравје, но и да поттикнат вербални и физички напади врз здравствените работници.
„Лекарската комора најостро реагира на тоа што во последно време сè почесто во средствата за јавно информирање се публикуваат написи, коментари, изјави и интервјуа на доктори чиишто ставови не се базирани на медицински докази или на лично искуство и директна работа со ковид пациенти. Со ова целосно се девалвира трудот на докторите кои се вклучени во лекувањето на заболените со ковид-19“, велат од Лекарската комора.
Затоа, Лекарската комора апелира до докторите и здравствените работници кои настапуваат во јавност, тоа да го прават со сериозен и стручен пристап, со точни информации и научни доктрини, аргументирани и поткрепени со докази.
„Докторите и здравствените работници не смеат да заборават дека нивната улога во справувањето со пандемијата е клучна, а секој поединец треба да даде придонес и поддршка на своите колеги кои работат со пациентите со ковид -19. Голем број здравствени работници дури и доброволно се вклучија во борбата со ковид -19 и сé уште се во жариштата на епидемијата во земјава, а борбата со вирусот и натаму ни претстои, до пронаоѓање на вакцина или лек“, велат од Лекарската комора.